Во функција на целосно и точно информирање на јавноста, ДКСК упатува реакција на новинарскиот текст под наслов „Државни институции купиле 150 луксузни коли за време на пандемијата, ДКСК не може да утврди корупција во набавките“ каде е направено спојување на сосема две различни тези и извлекување на заклучоци кои немаа никаква допирна точка со донесената одлука на ДКСК, објавен од страна на Слободен печат на веб страната https://www.slobodenpecat.mk/drzhavni-institucii-kupile-150-luksuzni-koli-za-vreme-na-pandemijata-dksk-ne-mozhe-da-utvrdi-korupcija-vo-nabavkite/?fbclid=IwAR16I9CAQjfQlr-lup95VPt2RZxBw5O1jjpOQe9DWcwbNFcJ_R1dmCZL5HI
Имено, темата за коjа ДКСК расправаше на седницата одржана на 18.08.2022 година не беше набавка на возила туку набавки за средства за заштита спроведени за време на Ковид кризата од следниве институции:
- Влада на РС Македонија – Генерален секретаријат: дезинфекција на објекти и возила, во кои престојуваат и се превезуваат лица кои се враќаат од странство и се упатуваат во карантинско сместување а во врска со појавата на вирусот COVID-19 на глобално ниво;
- Град Скопје: Набавка на средство за дезинфекција на улици и отворени површини, за дел 1: Раствор за чистење и за дезинфекција 0,2 %
- ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември“ Скопје: Заштитна опрема и средства за дезинфекција на раце за превенција од COVID-19
- ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата Козле Скопје: Болничка постелнина и заштитни одела
- ЈЗУ Клиничка болница – Штип: Лична заштитна опрема и материјали за време на пандемијата со COVID-19.
- Министерство за внатрешни работи на РМ: средства за дезинфекција
- Министерство за внатрешни работи на РМ: маски хируршки со ластик за еднократна употреба – двослојна, маски хируршки на врзување за еднократна употреба – двослојна
- Министерство за внатрешни работи на РМ: Респираторни МАСКИ N95 или FFP2 со највисоко ниво на заштита, соодветно на стандардот EN149-2001 или еквивалент, РАКАВИЦИ за еднократна употреба без талк (М и L), РАКАВИЦИ за еднократна употреба со талк (М и L), Заштитни провидни НАОЧАРИ, Заштитни КОМБИНЕЗОНИ (за еднократна употреба), големина M, L и XL, со капуљача, на предната страна со патент или друг начин на затворање
- Министерство за здравство: дезинфекциони средства за училишта, детски градинки и јавни тоалети во република северна македонија
- Општина Бутел: Набавка, транспорт и распрскување на дезинфекциони средства на јавни површини на територија на општина Бутел.
- Универзитет Св. Кирил и Методиј Медицински Факултет Скопје: Реагенси за одредување на концентрација на антитела кон SARS-CoV-2 од ИгГ и ИгМ класа со отстапување на опрема.
Заклучокот на ДКСК од анализираните постапки е дека активностите за овие набавки не може да се квалификуваат како коруптивни активности или како злоупотреба на службена должност туку истите упатуваат на системски слабости во законите, но и неспособност на државните органи пред се на Владата на РСМ и Министерството за здравство да воспостават систем на ефикасни јавни набавки за време на посебни услови, а не како што е презентирано во написот дека ДКСК не може да утврди корупција во набавките на 150 луксузни коли за време на пандемијата.
Она што е поврзано со набавките на возилата за време на корона кризата е крајот од излагањето на членот Катица Николовска е следново:
„Она што останува како неизвесност во спроведувањето на јавните набавки е тоа што како тренд целиот овој период се вршат набавки на добра кои не може да се класифицираат како неопходни за време на Ковид кризата па дури и за време на оваа економска криза, односно набавка на возила но и една нова состојба каде голем бој договорни органи ангажираат надворешни фирми, т.е. правни лица за спроведување на јавните набавки. Овде не станува збор за ангажирање на експерти за подготовка на техничка спецификација туку за спроведување на самите постапки за јавни набавки. Ова е голем простор за корупција бидејќи немаме увид кои фирми се ангажирани, на кој начин се поврзани со договорните органи, дали се поврзани со економските оператори што ги добиваат тие договори и ред други причини и појави што може да произлезат од овие состојби.
Но тоа ќе биде предмет на испитување и истражување нареден период,“ информираат од ДКСК.