Социјалната мрежа на Доналд Трамп останува забранета на „Гугл Плеј Стор“

Сподели

 

Платформата за социјални мрежи „Truth Social“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и понатаму е недостапна на „Гугл Плеј“ – онлајн продавницата на „Гугл“, каде е забранета поради тоа што ги прекршува нејзините политики за модерирање и забрана на содржини кои вклучуваат физички закани и поттикнување насилство, пренесе „Би-би-си“.

Ова значи дека корисниците со телефони со оперативен систем Андроид, кои сочинуваат 44 отсто од корисниците на паметни телефони во САД, не можат да ја преземат апликацијата.

Извршниот директор на „Truth Social“, Девин Нунес го обвини „Гугл“ за монопол.

Апликацијата беше лансирана и на „Еп Стор“ – онлајн продавницата на „Епл“ во февруари, иако воведувањето беше проследено со неколку проблеми.

Минатата недела Нунес рече дека одлуката дали апликацијата ќе стане достапна и на „Гугл Плеј Стор“ е на самата онлајн продавница, но од „Гугл“ велат дека оваа платформа не ги почитува правилата.

„Да се има ефективни системи за модерирање на содржината генерирана од корисниците е дел од нашите услови за користење за која било апликација да биде дел од Гугл Плеј“, велат од „Гугл“, додавајќи дека понудиле совети до „Truth Social“ за тоа како да ги решат проблемите.

Платформата е основата од Трамп и е местото на социјалните мрежи каде поранешниот американски претседател одбра да објавува коментари.

На Трамп му беше забранет пристапот на Твитер и Фејсбук по минатогодишните немири во Капитол./Мета.мк