Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите пласирани од страна на НСП на социјалните мрежи дека новата генерација полициски службеници не задолжила униформа и нема да добие униформи.
Сакаме да ја информираме јавноста дека новите полициски службеници – приправници треба да се јават на работа во понеделник на 3 октомври и по распределувањето по организациски единици, ќе задолжат униформа во својата организациска единица. Посочуваме дека службеник кој не започнал со работа, нема основ да задолжи униформа пред првиот работен ден и, што е уште поважно, дека потребните количини на униформи во централниот магацин на МВР се на располагање на сите организациски единици.
Во последниве неколку години, актуелното раководство на МВР како врвен приоритет го постави создавањето модерна, опремена, стручна, ефикасна и задоволна полиција. Континуирано во овие шест години се планираат средства во буџетот на министерството и се инвестира во материјално обезбедување на униформираните полициски службеници од сите организациони единици, со нова опрема која после повеќе години сега беше целосно обновена.
За остварување на овој приоритет инвестирани се над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица, а за некои единици униформа беше набавена и по два пати, согласно потребите. Значи, униформи се обезбедени и за секој еден од 590-те нови колеги кои успешно ја завршија обуката во Полицискиот центар, и тие тоа веќе го знаат. Униформите се состојат од ремени, високи специјални чизми, летни и зимски капи, панталони/здолништа, кошули, виндјакни, маици со кратки ракави со јака и чевли со тенок и дебел ѓон, кои се веќе набавени за нив.
И не е само ова, многу работи се направени, а резултатите, меѓу другото, се видливи во сите 76 реконструирани објекти на МВР ширум државата, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Секогаш во дијалог со вработените, во партнерство со репрезентативниот Македонсски полициски синдикат, се одговара на нивните потреби – како резултат на склучениот нов Колективен договор, редовните исплати на бонус платите, зголемувањето на платите од овој месец, се работи на реализација на поставената цел – мотивирани колеги, задоволни и горди што се дел од институцијата каква што е МВР. Притоа, преку дигитализација се олеснуваат процесите на работа, со високо технолошка и техничка опременост за брзо и ефективно полициско работење, согласно модерните трендови и стандарди на работење на европските полиции.
Ова се фактите, а сѐ друго е тенденциозно пласирање на невистини, кои имаат крајна цел да наштетат и на институцијата, и на работењето на полицијата, посебно на младите полициски службеници кои со ентузијазам и висока мотивираност се придружуваат на професионалното полициско семејство. Континуираното инвестирање во институцијата, во нејзините вработени, во делот на материјалното, техничкото, образовното, социјалното и професионалното надградување, останува врвен приоритет на сериозна институција каква што е МВР.