Министерот за внатрешни работи денеска учествуваше на тркалезна маса на тема „Фудбалски хулиганизам: македонски и регионални искуства и запознавање со глобалниот индекс на организиран криминал“ во организација на Факултетот за безбедност и Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (GI TOC). Целта на дискусијата на тркалезната маса беше да се стави фокус на фудбалскиот хулиганизам, како важно безбедносно прашање, бидејќи многу често насилството и немирите со висока димензија бараат регионална и меѓународна полициска соработка. На настанот беше презентиран и Годишниот извештај на глобалниот индекс на организиран криминал.
Министерот Спасовски истакна дека иако досега се направени голем број на анализи со цел надминување на спортскиот, па и фудбалскиот хулиганизам како најприсутен, сепак тој останува да биде општествен проблем, кој има тенденција да биде сериозна закана за општата безбедност.
„Во Република Северна Македонија имало случаи на насилство на фудбалските стадиони, независно од тоа што станува збор за полесни облици на спортски хулиганизам, па затоа неопходен е соодветен третман од страна на државата. Поучени од искуствата на земјите од регионот, но и на високоразвиените европски земји, каде спортот има силно влијание врз општите текови во државата, фудбалскиот хулиганизам со својата неконтролираност може да предизвика далекусежни негативни последици кои што можат да се чувствуваат на подолг временски период“, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски го посочи фактот дека во однос на фудбалскиот хулиганизам кај нас, видливи се напорите да се покрене широка превентивна општествена акција за ублажување на последиците на овој општествен феномен, но сепак, мора да се има предвид дека станува збор за долготраен и сложен процес, кој бара многу време, трпение, но и материјални ресурси.
„Секако, битна претпоставка за успешно водење на процесот е тој да биде плански и програмски ориентиран, со јасно зацртани цели, задачи и мерки. Ваквиот пристап е потребен од едноставна причина што ниеден надлежен субјект не може поoдделно да се справи со оваа негативна општествена појава, па во таа смисла, особено значајна е улогата на спортските клубови, навивачките групи, полицијата, редарските служби, но и на политичките партии, судството, медиумите, невладините организации, училиштата и други“, ја нагласи неопходноста од заедничко делување на општествените чинители министерот Спасовски.
Притоа, беше посочена круцијалната улогата на полицијата во спречување на секаков облик на спортско насилство, преку собирање оперативни сознанија, соодветна проценка на ризик, создавање „ситуациона“ слика за извршување на својата безбедносна задача. Во таа насока Спасовски подвлече: „Следејќи го специфичниот делокруг на работа на полицијата при обезбедување на големите фудбалски настани, досегашните искуства покажаа дека максималната професионалност во пристапот кон овој проблем е императив за да се овозможи навремено воочување и отстранување на сите потенцијални закани, ризици и опасности“.
На тркалезната маса беше презентиран и Извештајот на глобалниот индекс на организиран криминал, при што беше потенцирана силната посветеност во борбата со организираниот крминал и корупцијата, посветеноста кон реформите, генерално, наспроти мртвата точка во овој сегмент, на која државата беше застаната во период од над десет години.