МОН: Пониска цена на струјата за училиштата значи обезбедување континуитет на наставата со физичко присуство

Сподели

 

Владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на наставата во форма која е од најголем интерес за учениците – со физичко присуство во училниците.

Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која и постојат – едукација на младите.

Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување на договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината.

Во меѓувреме, МОН уште еднаш апелира владините препораки за рационално користење на електричната енергија доследно да ги почитуваат сите образовни институции и установи. Затоа што, штедењето на електричната енергија е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училниците, но од друга страна се подигнува стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно електрична енергија за потребите на домаќинствата.