Нова катедра по македонистика во Анкара

Сподели

 

Постигнат е успех од историско значење за македонистиката. Започнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на странски универзитет – на престижниот Анкарски универзитет во Турција, информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Како што е наведено, со новоотворената катедра и лекторатот по македонски јазик, започнува нова успешна приказна за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, нешто што е од големо значење и за нацијата и државата.

„Салата на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет беше мала за да ги собере сите кои беа заинтересирани да го проследат првиот промотивен час по македонски јазик. Ова е конкретна потврда дека нашите залагања веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство“, наведено е во соопштението.

Оттаму велат дека во период кога во глобални рамки се стравува дека хуманистиката, а во нејзини рамки и филологијата запаѓаат во криза заради намалениот интерес за студирање, се случува зголемување на интересот за македонистиката на повеќе странски високообразовни институции.

„Јасна е потребата од воведување македонистички студии и на универзитети на кои претходно македонистиката не била присутна со одделен дел од студиските програми. Посебно онаму каде што веќе и има поголем број заинтересирани за изучување на македонскиот јазик, како што е во конкретниов случај, во Анкара“, истакнува директорката на Меѓународниот семинар, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа се заблагодарила на раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, за посветеноста и пожртвуваноста да се случи оваа македонистичка приказна.

„УКИМ и Анкарскиот универзитет сега се уште посилни“, нагласила Мојсова-Чепишевска.