ЦИВИЛ МЕДИА: Престанете со трка по политички поени и санирајте ги последиците од поројниот дожд!

Сподели

civil

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода упатува сочувство до семејствата на загинатите и на сите настрадани од синоќешниот пороен дожд и големото невреме. ЦИВИЛ повикува и на итна реакција и на солидарност на граѓанките и граѓаните за помош на семејствата на загинатите, повредените и на сите кои претрпеа штети.

Катаклизмичните сцени од улиците на македонската престолнина треба и мора да бидат последно предупредување за освестување, за запирање на неконтролираното градење, на расфрлувањето на стотиците милиони евра за „барок“, и конечно, за вистински (градежни, а не предизборни) зафати во проширување на атмосферската канализација, како и за чистење на каналите и други неопходни инфраструктурни зафати кои претпоставуваат и санација од штетите претрпени од криминалниот проект Скопје 2014.

Воедно, ЦИВИЛ ги повикува сите надлежни државни и градски институции да се мобилизраат и да зафатат со работа, зашто ситуацијата налага ублажување на последиците на долгогодишното неработење и непродуктивно трошење на огромни средства, и во исчекување на нови дождови, никому не му е потребно добивање на политички поени! Релевантните институции мора да изработат и да спроведат планови за превенција од временска непогода. Со оглед на тоа како (не) реагираат на еден посилен пороен дожд, може да се заклучи дека ни оддалеку не се подготвени за посериозни природни катастрофи, како што беше земјотресот во 1963 година.

Да се вложеа средства во инфраструктурата, наместо да се уништува речното корито на реката Вардар со изградба на „галии“ и други лудории, можеше барем дел од жртвите и штетите да бидат избегнати! Даночните обврзници очекуваат дека во 21 век, во Европа, нема во главниот град, каков и да е пороен дожд, да предизвикува вакви жртви и штети.