Како Извештајот на ЕК за 2022 година го гледа напредокот на македонските евроинтеграции? -Иван Дургутов

Сподели

 

Новиот тон на годинешниот извештај, како и трите посети на Скопје за само една година на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го илустрираат значењето кое Брисел продолжува да ѝ го посветува на земјава. Напредокот на нашата држава е очигледен, а како домашна задача“ останува претстојното усогласување на македонското со европското право да стане повеќе од регуларен бирократски процес, пишува Иван Дургутов за .

Неодамна објавените извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите од Западниот Балкан и нивното презентирање од страна на eврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, го обележаа првите меѓувладини конференции на Македонија и Албанија, очекуваното и констатирано назадување на Србија во поглед на заедничката надворешна политика и давањето условен кандидатски статус на Босна и Херцеговина.

Најзвучен момент за Македонија при претставувањето на пакетот за проширување беше првиот меѓувладен собир со што дојде до конечно отпочнување на пристапните преговори на Скопје со Брисел.

ИванОва беше клучниот аспект споделен пред и за време на објавувањето на деветтиот по ред Извештај за напредокот на Македонија за 2022 година, а анализите зборуваат за пооптимистичен речник и пооправдани надежи.

Нов ветер во грбот, но и потреба од нови уставни измени

Давајќи ново светло во целокупниот македонски евроинтегративен пат и придвижувајќи го патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, Извештајот го дочекавме со започнат објаснувачки скрининг. Заедно со претходно одржаната меѓувладина конференција, овие моменти, всушност, го ставаат на „шини“ македонскиот преговарачки процес и полека, но сигурно, ја префрлаат топката од надвор кон дома.

Имено, моментот кој го дочекавме после речиси 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, истовремено продолжува да бележи и друга уникатност на нашето „итање“ кон европските престолнини. Одржувањето на првата конференција се случи, но за светлото на денот да го доживее и онаа втората, како земја сме исправени пред предизвикот наречен нови уставни измени. Тоа се измени на уставниот текст со цел вклучување на неколку дополнителни немнозински заедници во македонскиот Устав, меѓу кои и бугарската.

Уставните амандмани како предуслов за втора меѓувладина средба во Брисел претставуваат уште еден преседан со кој досега не се соочиле останатите земји кои преговарале за приклучување кон европското семејство.

Додека на јавната сцена во Македонија, во собраниските ходници и во политичките кулоари со засилен глас почнува да се зборува за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство, на европски план, комесарот Вархеји излезе со Извештајот за нашиот напредок и повторно одлично ги детектира состојбите во македонското општество.

Новиот и поинаков тон на годинешниот извештај укажува и на нов пристап и начин на комуникација на Европската комисија кон земјава, која од овој извештаен период од земја кандидат за членство, прераснува во земја преговарач. Новата фаза на политиката за проширување, содржи неколку нови симболики и јасни пораки, но и стари рани кои македонскиот систем и институции сѐ уште не успеваат соодветно да ги адресираат.

Тоа се слабата контрола на законодавната власт над извршната, широко распространетите коруптивни практики, но и генерално, вистинската волја за вклучување кон европското семејство, наспроти онаа декларативната.

Кластерите „Темели“  и „Надворешни односи“ се особено важни за Македонија

Во првиот кластер – Темели, го наоѓаме фокусот и најголемото внимание на известителите за земјава. Анализите на истиот како куриозитет, овој пат, ја покажуваат помалата дипломатичност и отсуството на „свилени ракавици“ кај Комисијата при описот на состојбата, на пример, во Собранието на државата. Претставничкото тело на граѓаните, каде по дефиниција треба да се празнува демократската дискусија и да се олицетворуваат разните граѓански интереси, овој пат е силно критикувано.

Злоупотребата на „европското знаменце“, нерационално зголемената употреба на скратените постапки, именувањата по принцип на политичка припадност наместо во согласност со системот на заслуги – ова е само дел од јасниот критички тон упатен кон законодавецот.

Се поставува прашањето дали воопшто известителите имале друга можност на располагање, имајќи ги на ум ниското ниво на дебата внатре и насилните сцени надвор додека на парламентарната говорница се дебатираше за заклучоците по повод т.н. „францускиот предлог“ за отстранување на бугарското вето. Евидентно е дека вжештената реторика го направила своето и истото е видливо од овој извештај.

Извор: eurodiaconia.org

Но исто така, она кое недостасува во извештајот е моментот околу транспарентноста на државниот врв и комуницирањето на предлогот на Франција како претседавач со Советот на ЕУ во тој период. Јасно е дека апсолутната транспарентност во дадениот момент може да му наштети на процесот, ама како потврден факт е веќе и случајот кога нетранспарентноста почнува да работи против вас. Умереноста е нужна и секоја комуникациска стратегија мора да понуди решение за просторот полн со полувистинити информации за чувствителни теми кои знаат да доведат и до ескалации.

Понатаму, во истиот кластер за подвлекување е и просторот кој во извештајот ЕК го посветува и на цивилниот сектор. Во таа насока, се поздравува вклучувањето на граѓанското општество како значаен чинител во политичките текови и континуираната овозможувачка средина за негово функционирање, што е за поздравување.

Од друга страна, кластерот 6 – Надворешни односи продолжува да биде особено интересен во македонски околности. Заедничката надворешна и безбедносна политика е поглавје во кое е констатирано дека постои значаен напредок во однос на претходниот извештаен период. Ова беше логично, знаејќи за униформноста на македонската надворешна политика со онаа европската, во поглед на ставот за војната во Украина и за санкциите кон Русија, како моменти кои досега ја обележуваат 2022 година на надворешен план.

Добрососедските односи се вториот дел од кластерот, каде договорите со Грција и со Бугарија повторно се истакнуваат. Билатералните односи со источниот сосед добиваат дополнително на тежина по формалното надминување на недоразбирањата помеѓу двете земји и кревањето на рампата од Софија кон својот помал сосед.

Дипломатскиот пристап и незаземањето страна во билатералните прашања се присутни, меѓутоа Комисијата зборува и за обврските кои Владата ги прифати низ призмата на решавање на отворените ситуации со соседите, а кои се сега потврдени и од европските институции.

Подготвеноста на македонските преговарачки тимови за претстојниот скрининг

Почетокот на скрининг процесот, односно т.н. „објаснувачки скрининг“, е првиот чекор кога на нашите преговарачки тимови им се претставува работата која допрва ги очекува и служи како упатство за конкретно делување во годините кои следат. Предизвик се неопходните уставни измени, но истовремено „се шушка“ дека и прашањето за екипираноста и стручната подготвеност на преговарачките тимови ќе биде предизвик поголем и од оној другиот – двотретинското мнозинство.

Имајќи ги предвид критиките на Европската комисија за државната администрација, евидентниот недостиг на соодветни стручни кадри со познавања од деталите од пристапниот процес кон Унијата ќе биде ново горливо прашање. За очекување е ова да биде додатно горливо прашање кое земјава и назначениот главен преговарач, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, ќе мораат да го решаваат во од.

Билатералниот скрининг кој ќе следува, ќе треба успешно да нè трансформира од активен слушател на насоките од Брисел во јасен говорник и прецизен извршител на бројните обврски и новини кои ќе треба да се спроведат на домашен план. Фактот што Извештајот на ЕК беше ставен на разгледување пред Националниот совет за евроинтеграција во македонското собрание во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот Маричиќ и на пратениците од различните политички бои, испраќа, каков таков, позитивен сигнал за храмот на нашата демократија.

На нас вечните оптимисти, ни се остава барем минимален простор со надеж за конструктивни дискусии и обединување на сите познавачи на европскиот процес во име на забрзано движење на македонскиот пат кон европските институции.

Светлото на крајот од тунелот – Западниот Балкан вистински вклучен во Европа

Новата фаза на политиката за проширување која следува по одржувањето на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија, но и некои останати чекори и пораки испратени од Брисел, несомнено говорат дека Западниот Балкан продолжува да биде на радарот на европските претставници.

Зачестените посети на претседателката на ЕК на регионот и значајната финансиска помош за справувањето со енергетската криза не може да бидат чиста случајност. Овој извештаен период го карактеризираше и почетокот на нова војна на тлото на најстариот континент, ама и одредени бурни моменти дома кај нас.

Имајќи ги на ум насилните протести против францускиот предлог и целата атмосфера на ниска политичка култура и отсуство на аргументиран дијалог за суштински прашања во земјава, последниот извештај само потврдува колку европските известители имаат направено добра вивисекција за состојбата во која се наоѓаме како држава.

Главниот сигнал на Извештајот за напредокот на Македонија за 2022 година е дека Европската комисија, сепак, ги вреднува компромисите кои како земја ги правиме во името на европската иднина. Еднакво важно, долгорочната природа на пристапниот процес кој го носи називот „преговори“ кој не е најсоодветен, условена е од прифаќањето на европското законодавство и стандарди без можност за преговарање.

Но, дополнително и од политичката подготвеност во рамките на самата Унија во однос на спроведувањето на политиката за проширување.

Во исто време, како граѓани мора да тежнееме кон тоа да се осигураме дека дебатите за клучни одлуки во однос на стратешките правци на државата постојат и уште поважно, дека тие се и суштински, а не само формални.

Интегрирањето на шесте земји од регионот во европските структури е најпосакуваното регионално решение, а наше е да се увериме дека членството во Европската Унија ќе биде многу повеќе од само механичко исполнување на европското законодавство и ќе донесе напредок кој секој граѓанин ќе може да го почувствува.