На вчерашната трибина „Заедно одлучуваме“ која се одржа во ООУ „Киро Глигоров“ во Капиштец, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги слушна предлозите, барањата но и поплаките од граѓаните во оваа населба.
Речиси сите се однесуваа на проблемот со бучавата од околните кафе барови кој се провлекува години наназад. Градоначалникот Герасимовски по поплаките рече дека искрено и посветено ќе се заложи за изнаоѓање решение за овој проблем и притоа ги повика граѓаните да му се придружат.
„Се согласувам дека не е решението да пишуваме само една две или пет казни туку решението е во заедничкото делување. Во наредниот период заедно со вас ќе организираме и посебен состанок само на оваа тема и со претседатели на куќни совети за да најдеме трајно решение. Знаеме дека е огромен проблем со години. Ние според ингеренциите праќаме инспектори и пишуваме казни но очигледно не е доволно“, изјави Герасимовски.
За проблемот со бучавата Герасимовски истакна дека се провлекува со децении не станува збор само за бучавата туку е и проблем со недостаток места за паркирање на станарите.
На трибината „Заедно одлучуваме“ Герасимовски се осврна и на досега реализираните проекти во општината како инфраструктурните зафати со уличната мрежа, реконструираното детско игралиште, новиот пензионерски клуб во т.ц. Беверли Хилс и катната гаража со капацитет од 260 возила која треба за почне со изградба.
Трибините „Заедно одлучуваме“ на која граѓаните даваат свои предлози кои се разгледуваат и според потребите ќе бидат вградени во Буџетот за следната година, утре продолжуваат во ООУ „Ј.Х. Песталоци.”