Промоција на трите книги од едицијата АРГО на Или-Или: „Вистинска приказна“ од Лукијан од Самосата (превод од старогрчки), „Медеја“ од Л.А. Сенека (препев од латински) и „Втора филипика“ од М.Т. Кикерон (превод од латински). Преводот на книгите е на Светлана Кочовска Стевовиќ.
За книгите од едицијата АРГО ќе зборуваат: Весна Димовска (Институт за класични студии), Владимир Мартиновски (Катедра за општа и компаративна книжевност) и Дарин Ангеловски (Институт за македонска литература).
Промоцијата ќе се одржи денес, 22.12 (четврток) од 19 ч. во Europe House
Објавувањето на „Медеја“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Во фокусот на трагедијата Медеја од Л. А. Сенека се нескротливиот гнев и страдањето што гневот може да го предизвика. Ако со силата на разумот човек не успее да го скроти, гневот како жесток и бесен пламен немилосрдно пустоши и разорува сè пред себе. Медеја не може да го скроти разоглавениот гнев што во неа го предизвикува новиот брак на нејзинот љубен сопруг Јасон. За да му се одмазди на Јасон за прељубата, извршува злосторство со кое и самата станува жртва.
Лукиј Анај Сенека е философ, државник, поет и трагедиограф од I век н.е. Автор е на прочуените Писма до Лукилиј, на повеќе философски есеи во кои третира етички теми, на еден спис од областа на философијата на природата, една сатира и осум трагедии: Медеја, Споулавениот Херакле, Тиест, Агамемнон, Ојдип, Тројанки, Фајдра и Феникијки.
„Вистинска приказна“ е едно од најпознатите и најчитани дела на Лукијан од Самосата. Претставува типичен жанровски хибрид во кој се измешани елементи на авантуристички роман, сатира, научна фантастика и пародија. Со врвно јазично и стилско мајсторство и со исклучителна имагинација, Лукијан нè води на возбудливо патување на Месечината, во утробата на еден кит, во подземниот свет, на Островот на блажените и на многу други попатни места, на кое нè запознава со различни вонземни облици на живот.
Вистинска приказна, според многумина, е првиот научно-фантастичен роман во историјата на западната книжевност. Бил книжевна предлошка за многу подоцнежни дела, меѓу кои Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт, Патување на Месечината на Сирано де Бержерак, Mikromégas на Волтер, како и за Патувањето на Пантагруел во четвртата книга за Пантагруел на Франсоа Рабле.
Лукијан од Самосата е старогрчки автор со сириско потекло од II век. Традицијата му припишува импресивен книжевен опус од 82 дела: дијалози, беседи, посланија и философско-сатирични наративни дела.
„Втората филипика“ се издвојува од останатите „Филипики“ по обем, а и по тоа што во неа Кикерон го напаѓа Марк Антониј многу пожестоко и поостро отколку во другите беседи од истиот корпус. Со оглед на тоа што Кикерон оваа беседа никогаш не ја изговорил јавно, таа е инвектива во пишан облик или политички памфлет структуриран како инвектива.
Марк Тулиј Кикерон (106-43 год. пр. н. е.) е најистакнатиот претставник на римското беседништво. Неговите беседи против Марк Антониј се создадени во периодот меѓу 44 и 43 год. пр. н.е. Насловот „Филипики“ (Philippicae) го добиле од самиот автор по углед на истоимените беседи што грчкиот оратор Демостен ги одржал против Филип II.