Општина Центар изврши контроли на повеќе локации во општината

Сподели

 

Секторот за Инспекциски работи на Општина Центар во текот изминатите денови спроведува акција на терен за контрола на различни правни субјекти во однос на контрола на градилиштата.

Поделени се Известувања со обврски согласно Законот за јавна чистота, со кои се информираат изведувачите на градежни објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена, да не се пали и уништува смет. Да не се палат огнови на отворено за греење на работниците. Дополнително, сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади, поради контрола на прашината.

Извшршена е контрола на јавните површини на целата територија на општината, во однос на палење и уништување на садови за собирање на смет, како и палење, закопување и уништување на смет.

Направен е интензивен инспекциски надзор на инсталации во надлежност на општината, кои што подлежат на Елаборат за животна средина и користат различни енергенси за греење или подготовка на храна: ресторани, сендвичари, сервиси за миење возила и автоперални, а извршена е и контрола на оставање отпад на приватен имот, согласно Законот за управување со отпад, како потенцијална опасност од палење, предизвикување пожар и опасност по животот и здравјето на граѓаните.

При надзорот, поминати се 12 градилишта во населбите: Водно, Пролет и Ново маало, каде што се оставени известувања во однос на почитување на мерките за јавна чистота и превентивно намалување на загадување на воздухот, а изречена е 1 казна за сообраќај со возило со валакани тркала. Поминати се 2 напуштени локации, со присутен отпад на приватен имот, за кои што ќе се спроведат инспекциски постапки согласно Законот за управување со отпад. По пријава од граѓани за палење на пластика и кабли, извршен е увид на Кале, на потегот од Француски гробишта кон Американската Амбасада, при што не се затекнати сторители на лице место.

Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски упатуваат апел до граѓаните да го намалат користењето на возила, да не се користат отпадни материјали за затоплување на домовите, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците.