ЗНМ: Oсуда за заканите кон новинарите и медиумските работници на Канал 5

Сподели

 

Здружението на новинарите на Македонија остро реагира и ја осудува заканата кон новинарите и медиумските работници од телевизијата Канал 5 која беше упатена од страна на лице на социјалната мрежа Фејсбук.

Поконкретно, на објава на Канал 5 на Фејсбук, од профил именуван како Роберт Елбанасов упатен е недоличен коментар со закана. Ваквите коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедноста преку поттикнување на насилство.

Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години.

Исто така, укажуваме дека овие закани се кривични дела за кои постои позитивна судска пракса и за кои ЗНМ во 2020 година има добиено судски случај пред Основниот кривичен суд за закани кон новинарите објавени на социјалните медиуми.

ЗНМ за оваа закана поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и побара од надлежните во МВР итно да се преземат мерки за што бевме известени дека во моментов се води истрага и се постапува.