Министерството за надворешни работи тврди дека нема никаква надлежност за управувањето на Фејсбук-страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја префрли вината на нив велејќи дека власта се фалела со претседавањето со Организацијата и троши пет милиони евра, а сега сме добиле „Виетнамски хотлајн“.
Од ВМРО-ДПМНЕ за хакирањето реагираа и синоќа и денеска велејќи дека е срамно само неколку дена откако земјава го презема претседавањето со ОБСЕ, страницата да биде хакирана.
За хакерскиот напад вчера објавија од ОБСЕ предупредувајќи ги корисниците на Фејсбук.
„ОБСЕ знае дека Фејсбук-профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е хакиран. Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ“, пишуваше во вчерашната објава од Организацијата.