МНР: Софија потклекна на провокациите, неосновано е повлекување на амбасадорот

Сподели

 

Министерството за надворешни вработи со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји.

Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален.

Република Северна Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.

Дополнително, преку своите изјави на највисоко ниво, Претседателот на државата, Претседателот на Владата и Министерот за надворешни работи го осудија инцидентот, а Министерот дополнително оствари итна посета на Софија, вклучувајќи посета и на повредениот со цел јасно да ја демонстрира одлучноста на државните органи во обезбедување правна сигурност, безбедност и одржлив јавен ред.

Во периодот што следи остануваме внимателно да ги следиме сите изјави и постапки на официјална Софија, очекувајќи смирување на страстите и отстранување на провокациите, со цел повторно враќање на дипломатските активности, на приоритетите кон заедничките проекти, работните групи итн., кои се во насока на зачувување и унапредување на добрососедските односи, се наведува во соопштението на МНР.