САД нема да испраќаат воени авиони во Украина

Сподели

 

Американскиот претседател Џо Бајден ја отфрли можноста за испраќање на воени авиони Ф-16 како воена помош за Украина. Запрашан од новинар дали САД ќе ѝ обезбедат авиони на Украина, Бајден одговори едноставно со зборчето „не“, пишува Би-би-си. Ваквиот одговор на американските власти доаѓа откако украинските власти побараа од западните сојузници воени авиони во следните пратки на помош.

Украина во моментов користи воени авиони од советско производство за борбите против руските сили. Раководството на земјата побара воени авиони Ф-16 од американско производство за да го земе под контрола воздухопловниот простор над Украина, кој постојано се нарушува од руска страна од почетокот на воената агресија во февруари минатата година.

Украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Мелник ја поздрави досегашната воена помош за Украина од западните сојузници, која за првпат се состои и од тенкови, но и го постави прашањето за доставување на воени авиони, при што беа споменати и воздухоплови од различни европски и американски производители.

Засега официјалните претставници на Полска посочија дека се подготвени да испратат воени авиони за Украина, но во координација со другите земји-членки на НАТО. Други земји, како Франција, Холандија и Германија, засега немаат дадено конечен одговор во однос на украинските барања.

Украинските власти во билансот од изминатово деноноќие информираат дека руски ракетни напади биле извршени врз населени места во регионите Днипропетровск, Херсон, Запорижја и Донецк. Украинските сили возвратиле со напади на три контролни точки и две депоа со муниција на руските сили, при што во последните 24 часа биле убиени околу 850 руски војници во Украина, пренесува Гардијан.

Во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана се вели дека руските сили во изминативе три дена ги засилиле нападите врз градовите Павливка и Вухледар во Донецкиот регион.

„Руските команданти најверојатно целат да развијат нова оска за напредок во Донецката област под контрола на Украина и да ги одвратат украинските сили од секторот Бахмут каде има интензивни борби. Постои реална можност Русија да продолжи да остварува локални придобивки во овој сектор. Сепак, малку е веројатно дека Русија има доволно неангажирани војници во областа за да постигне оперативно значаен пробив“, се наведува во извештајот на британското Министерство за одбрана./Meta.mk