ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат, изјави премиерот Ковачевски на вчерашната прес конференција.
-Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија.
На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора.
Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство, бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече премиерот.
Ransomware е хакерски напад кога неовластено се навлегува во компјутерски систем и на корисникот/сопственикот не му се дозволува да ги користи сопствените податоци, алатки и датотеки. Сите фајлови на системот се запечатени со енкрипција и не може да се отворат. Хакерот бара пари, главно во крипто валути, за да го предаде „клучот“ од енкрипцијата на сопственикот на системот и тој да може повторно да го контролира.