Јаневска: Го повикуваме МВР да ги обезбеди училиштата 24 часа

Сподели

 

Го повикувам МВР да си ја работи работата и да ги обезбеди училиштата 24 часа и неспособноста да не ја затскрива со изјавата дека сме во хибридна војна. Го повикувам и МОН под итно да изнајде начин да се надокнади пропуштеното додека сè уште има барем малку време“, рече денеска на прес-конференција претседателката на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.

Наставата е во комплетен прекин. Дојавите за бомби достигнаа бројка од 45 училишта. Родителите на основците револтирани од неспособноста на Владата, секојдневно ги напуштаат работните места за да си ги приберат децата и да ги остават сами дома за да продолжат со онлајн настава. Онлајн настава нема, „Тимсот“ паднал. Оној „Тимс“ кој требаше да го користат децата уште во корона-кризата, имало проблеми со лиценцата. Толку од дигитализацијата. Родителите на социјалните мрежи се организираат да протестираат под мотото “Доста со експерименти со нашите деца. МВР молчи, МОН молчи“, рече Јаневска.

„Децата ја плаќаат цената на неспособноста на Владата. Овие деца еден ден ќе треба да ја носат на свој грб државата, нашата татковина. Но, очигледно Владата тоа не ја интересира. Таа со денови се реконструира“.

Најдоброто решение за сите овие проблеми, порача Јаневска на крајот, е веднаш да се распишат избори и да се смени власта.

„Затоа што во државата настава нема, ама и леб нема“, подвлече таа.