Во рамки на дваесет и втората седница, Советот на Општина Карпош заседаваше и расправаше по 19 точки кои се најдоа на дневниот ред.
Притоа, со мнозинска поддршка од советниците беше изгласана Одлуката за кофинансирање на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човековата околина“, кој ќе се реализира во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“.
Имено, локалната самоуправа од Карпош во партнерство со општините Кисела Вода, Сопиште и Зелениково ќе поднесе апликација преку Скопски плански регион, за добивање на грант во висина од 7.500.000 денари (за сите четири општини), од Бирото за регионален развој.
Поточно, станува збор за проект кој вклучува поставување на фотонапонски модули на кровните површини во неколку основни училишта, кои се наоѓаат на територијата на горенаведените четири општини. Секако, претходно ќе биде изработен основен проект за изведба на „он-грид“ фотонапонски систем до 20 kW, индивидуално за секое училиште, во кое ќе бидат поставени фотонапонски модули кои потоа ќе се поврзат во системот.
Вкупната вредност на целата инвестиција вклучувајќи ја и изработката на основниот проект, се очекува да не ја надмине висината од 12.448.720 денари, додека пак вредноста за инвестирање во фотоволтаици во двете основни училишта во Карпош, ќе биде најмалку 2.400.000 денари. Во овој случај Општина Карпош ќе учествува со 1.000.000 денари, кои ќе ги кофинансира по добивање на поднесениот проект.
Советот ја поддржа и Предлог – План Програмата за развој на Општина Карпош за 2023 – 2025 година, која е изработена согласно потребите од областа на екологијата и енергетската ефикасност. За таа цел ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на условите на јавното осветлување на територија на локалната самоуправа. Од тој аспект се планира реконструкција на уличното осветлување преку замена на постоечките светилки, со штедливи ЛЕД светилки.
Со реализацијата на оваа активност се предвидува во текот на наредната година да се заменат 100% од вкупниот број на натриумови светилки со нови ЛЕД светилки од 35W. Исто така ќе бидат заменети натриумови светилки во дворните места на училиштата, додека пак рефлекторите од 400W инсталирани на спортските и детските игралишта се веќе комплетно заменети со ЛЕД светилки од 150W (вкупно 244). Очекуваните заштеди на годишно ниво се од 60% до 90% од сегашната инсталирана снага на заменетите светилки, како и конкретна заштеда од 23.120.176 до 34.876.199 денари.
Реализацијата на оваа активност треба да донесе повеќе бенефити за општината, меѓу кои најважни се помалата потрошувачка на електрична енергија и ефикасен систем на функционирање на мрежата без дефекти на улиците и јавните површини. Со реализација на овој проект се отвора простор во наредниот временски период, целосно да се реши проблемот со функционирањето на јавното осветлување во општината, преку мониторинг и управување со потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, спортските и детските игралишта на вкупно 157 мерни места. За таа цел ќе бидат поставени нови командни ормари со софистициран управувачки систем, нови ЛЕД светилки како и ново ожичување во самите столбови. Вкупната вредност на овој проект се планира да изнесува околу 120.000.000 денари.
Поради големиот обем и висината на потребните финансиски средствата кои се неопходни за реализација на оваа развојна програма, реконструкција на јавното осветлување во општина Карпош ќе се реализира во три фази. Оттука, во 2023 година се планира промена на светилки во износ од 23.000.000 денари, во 2024-та за истата намена ќе бидат инвестирани 50.000.000 денари, а веќе наредната година, за промена на јавното осветлување ќе бидат потрошени 47.000.000 денари. Според предвидените временски рамки, проектот треба да започне во септември годинава, а конечно треба да биде имплементиран до крајот на март 2024 година.
По претходна дискусија, советниците дадоа поддршка за четиригодишната Локалната стратегија за млади на општина Карпош, за период од 2023 до 2027 година, а во таа насока го изгласаа и Акцискиот план за спроведување на Локалната стратегија за 2023 година. Инаку, Општина Карпош во соработка со Коалиција на младински организации СЕГА спроведе процес на креирање на Стратегија за млади за период 2023 – 2027 година, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. Подготовката на оваа стратегија е поддржана во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, кој е финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со СОС Детско Село, Волонтерски Центар Скопје и Женски Форум Тетово. Притоа, Општина Карпош беше избрана како една од четирите локални самоуправи каде ќе се поддржи креирање на стратегии за млади, заедно со општините Кисела Вода, Гостивар и Битола. При процесот на креирање на стратегијата, експертска поддршка обезбеди консултантската компанија „Стратешки Менаџмент Системи“.