Собранието ќе ја одржи првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа 107. седница на законодавниот дом, која е прва пленарна седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост.

Седницата ќе се одржи на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, а  точка на дневен ред е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. По однос на Информацијата, ќе говори министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а збор ќе земат и неколку актуелни пратенички.

На крајот од пленарната седница планирано е да бидат донесени неколку заклучоци. Седницата ќе се одржи во сала “Македонија”, а поради присуството на повеќе гости истата ќе биде следена и од салата “Голема купола”.

Како гости, во Собранието се поканети, министерките во Владата, заменик-министерки, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од  формирањето во 2003 до денес.

Покани за присуство се испратени и до поранешни министерки во Владата, како и до поранешните пратенички во периодот од 2003 година, односно почнувајќи од четвртиот состав на Собранието (2002 – 2006 година), заклучно со претходниот состав (2016-2020 година). Тие ќе може да ја следат седницата во салата „Голема купола“.

Првата тематска седница посветена на родовата еднаквост се одржува  на 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички .

Во чест на овој јубилеј по завршувањето на пленарната седница  во Кристална сала е планирана и пригодна свеченост, на која ќе бидат доделени  благодарници на поранешните претседателки на Клубот на пратенички, на организациите кои дале иницијатива и учествувале во основањето на Клубот и на неколку меѓународни организации.

На свечениот дел се поканети сите гости. Покрај претседателот на Собранието, во овој дел ќе се обрати  поранешната пратеничка Елеонора Петрова – Митевска, првата претседателка на Клубот на пратенички, а во име на сите добитници на благодарници ќе се обрати Цветанка Иванова, поранешна претседателка на Клубот на пратенички и актуелна генерална секретрака на Собранието. Благодарниците ќе ги додели актуелната претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова.