Синдикатите во Германија започнаа сеопфатен штрајк во транспортот и повикаа 350.000 вработени да престанат со работа 24 часа. Денеска, 27 март, започнува третата рунда преговори меѓу работодавачите и вработените во јавниот сектор, пренесува Дојче веле.
Во голем предупредувачки штрајк, железничкиот и транспортниот синдикат ЕВГ и синдикатот на јавниот сектор Верди денеска парализираа голем дел од сообраќајот низ Германија, вклучувајќи го железничкиот и воздушниот, како и дел од водениот и копнениот транспорт.
Генералниот штрајк започнa на полноќ и ќе трае 24 часа, соопштија двата синдикати. Верди повика 120.000 вработени на штрајк, а ЕВГ 230.000 вработени во автобуските компании и железницата.Со оглед на расположението на вработените во транспортните компании, се очекува високо ниво на учество, изјави шефот на Верди, Франк Вернеке, најавувајќи го штрајкот во четвртокот, додавајќи дека ефектот ќе биде огромен. (ДВ)