На 26 август, во 18 часот, активисти организираат мирен протест на Кејот на Вардар, до Музејот на македонската борба, каде што моментално се гради Панорамското тркало. Организаторите на настанот велат дека сакаат да им порачаат на надлежните лица и институции во градот дека „Скопје не е Дизниленд и ова лудило мора да престане“.
„Продолжуваат да се градат контроверзни зданија и споменици без соодветна јавна дебата и консултација со жителите на овој град. Ние не сакаме нашите поколенијата да отплаќаат долгови со непоимливи камати за оваа естетска и политичка катастрофа. На Скопје му треба модерна инфраструктура и прогресивни идеи за развој на економијата и соживот. Придружете ни се на граѓанско собрание за да започнеме разговор за излез од овој као-антички, квази-барок, скопско-дизни кошмар“, пишува во објаснувањето на настанот објавен на „Фејсбук“.
Организаторите велат дека за да покажат како се чувствуваат во врска со спомениците и градбите во главниот град, на протестот ќе дојдат маскирани како Индијанци, ликови од филмовите на Дизни, кловнови и слично.