4. Издание на Скопски градски фестивал

Сподели

 

Четвртото издание на Скопскиот Градски Фестивал ќе се одржи од 11 до 13 мај на повеќе локации. Возбудливо музичко искуство кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари.
 
11 мај (четврток), Фросина, МКЦ: Елвис Станиќ
Најпознатиот хрватски џез музичар, извонреден гитарист, мулти-инструменталист и продуцент, со долгогодишна успешна регионална и меѓународна кариера. Лидер е на групата Elvis Stanic Group со која настапувал на џез фестивали во САД, Англија, Холандија, Австрија, Италија, Турција, Германија, Норвешка, Грција, Унгарија, а два пати настапил и на најпознатиот и најголем светски џез фестивал во Montreaux. 2009 година, како гостин на Lenny White, Bustera Williams и George Calligana, настапил и во престижниот Lincoln Centar во Њу Јорк. Како музичар и продуцент соработувал со познати имиња од регионалната и светска џез сцена, меѓу кои со Бошко Петровиќ, Невен Франгеш, Gilberto Gil, Django Bates, Scott Kinsey, Матија Дедиќ, Тамара Обровац, Јосипа Лисац, Martin Drew, Alwin Queen, Bobby Thomas, Hadrien Feraud, Katisse Buckingham, Марио Маврин, Furio di Castri.
 
AJS Quartet (Albanian Jazz Society Quartet)
Квартет составен од најпознатите џез музичари во Албанија: Gent Rushi – пијано, Ermal Rodi – саксофон и флејта, Roni Gjura – бас, Emilijano Dhimo – тапани. Квартетот има успешна регионална и меѓународна кериера, настапувале на “Beijing Tianchang Art Festival” во Кина, “Roccella Jazz Festival” во Италија, “Nišville Jazz Festival” во Србија, “Petrovac Jazz Festival” во Црна Гора, “Jazz in Albania Festival” во Албаниа, “Куманово Џез Фестивал” во Македонија, “Jazz Appreciation Month”. AJS Quartet е организатор на традиционалниот “Balkan Jazz Show Case” на кој учествуваат музичари од Балканскиот регион. Двајца членови на AJS Quartet се дел од академскиот тим на “University of Arts” во Тирана.
 
12 мај (петок), големата сала во Филхармонија
Биља Крстиќ и Бистрик Оркестар
Биља Крстиќ и Бистрик имаат долгогодишна успешна кариера, со голем број настапи на сите континенти, со добиени голем број награди и признанија, музика создадена за филмови и ТВ серии, 5 студиски албуми и 2 албуми со филмска музика. Нивни албуми издаваат и странски дискографски куќи меѓу кои “ARC Music” од Англија, “Intuition Shot Music” од Германија и “V2” (огранок на Virgin) од Грција. Голем дел од репертоарот на Биља Крстиќ и Бистрик се обработки на македонски традиционални композиции, кои ќе бидат изведени на концертот на Скопски Градски Фестивал.
 
13 мај (сабота), камерната сала, Филхармонија
Бобан Мирковски
Пијанистот Бобан Мирковски ќе го промовира својот најнов музички проект со наслов „АЛБУМ„, кој содржи 12 врвни македонски композиции изведени на пијано. На концертот ќе бидат изведени некои од најпознатите македонски евергрини, создадени во периодот од 1969 до 2001 година. Ќе бидат застапени дела на некои од најпознатите композитори меѓу кои Славе Димитров, Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов, Григор Копров, Влатко Стефановски, Кире Костов, Љупчо Мирковски, Димитар Масевски, Ванчо Димитров, Калиопи Букле, Дарио Панковски, Александар Митевски. Сите композиции ќе бидат изведени со нови аранжмани, специјално
создадени за оваа пригода.
Концертната промоцијата ќе се одржи под слоганот „Ја чуваме македонската музика„.
 
26 мај – 5 јуни, МКЦ
Изложба на македонски музички плакати.
На изложбата ќе бидат претставени плакати на македонски музичари и групи од изминатите три децении, и ќе биде своевиден пресек на музичкиот дизајн кај нас и документ за 30 годишното постоење на македонската музичка сцена.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Комерцијална Банка.
 
Влезници можат да се набават преку платформата www.bileti.mk