Трајанов: Владата предлага 5 закони со Европско знаме за сопствена амнестија

Сподели

 

“На оваа седница на Парламентот, Владата достави пет закони и тоа со европско знаме, со цел да се легализираат коруптивните елементи на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, како и да се амнестираат членовите на Владата кои го усвоиле договорот и неговите потписници” , нагласи пратеникот Павле Трајанов на денешната седница на Собранието во врска со предложениот дневен ред.
 

“Со потпишување на договорот во кој има одредби кои се спротивни на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите 8 и 10 д, како и на одредби од законите за урбанистичко планирање, градење, експропријација и работни односи, се работи за класична злоупотреба на службената положба и постојат основани сомненија за кривична одговорност.

Обидот на Владата преку пратеници да предложи 9 закони, беше неуспешен за дел од тие закони, сега Владата предлага пет од нив, но по скратена постапка и со европско знаме, со цел тие да бидат донесени без можност да бидат „блокирани“ од пратеници кои не се согласуваат со решенијата содржани во предлог-законите.

Овие закони ги предлага со европско знаме, но се работи за класична злоупотреба, бидејки предложените измени не се во насока на усогласување на нашите закони со законодавството и стандардите на ЕУ.

Доколку Парламентот ги усвои овие пет закони, во суштина ќе се случи тежок институционален криминал, бидејќи ќе се амнестираат од одговорност сите министри и премиерот и ќе се легализира грабеж од огромни размери.

Одлуката и одговорноста е кај пратениците, или ќе спречат грабеж на столетието или ќе ги амнестираат министрите и потписниците на овој коруптивен договор, кој пратениците не можат да го видат,” изјави Трајанов од Демократскиот сојуз.