Закон за употреба на македонскиот јазик – заштитата на нашата посебност и идентитет

Сподели

 

Собраниската Комисија за култура денеска го разгледа Предлог-законот за употребата на македонски јазик во прво читање и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање.

Министерството за култура со Советот за македонски јазик, пристапија кон изготвување нов закон за употреба на македонскиот јазик имајќи предвид дека, и покрај тоа што актуелниот Закон има позитивни ефекти во подигањето на јазичната култура во државата, во практиката сè повеќе се забележува  непочитувањето  на  законските  мерки  и  негрижата  за  македонскиот  јазик  во  различни  сегменти  и  на  различни  нивоа  од  општествениот  живот.

Пред членовите на собраниската комисија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, кои е потребно да се прошират и со дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.

„Со донесување на нов закон за употребата на македонскиот јазик, ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, а задолжително лекторирање ќе го врши само лектор со лекторска лиценца“, потенцираше министерката за култура. Беше објаснето дека задолжително ќе се лекторираат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа,  службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката. Задолжително ќе се лекторираат меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, но задолжително ќе се лекторираат и публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и тие што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, проспектите, транспарентите и друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица, понатаму називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата, сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично.

Костадиносвка-Стојчевска, во своето излагање истакна: „Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. Како и досега, и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. Во изминативе 20 години од примената на Законот, повеќе од 400 лица го положиле испитот за добивање лекторска лиценца. Испитот се полага пред Комисија што ја основа министерот за култура“.

Во однос на казнената политика, министерката за култура објасни дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. „Инспекторатот ќе биде насочен кон вршење на инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што верувам дека ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик и тоа во сите области и сфери во кои тој се употребува. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој предлог на закон, во согласност со Законот за прекршоците, а имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби во трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа, секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, за правилно пренесување и користење, а со тоа и чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност.

Членовите на Комисијата за култура се согласија дека станува збор за квалитетен Предлог-закон, и посочија дека предлог текстот сепак има простор за подобрување. На забелешките кои се главно од техничка природа, во второто читање ќе се реагира амандмански.