DW: ЦРНО – ЈАСНА КОТЕВСКА

Сподели

На итната седница на Собранието за поплавите во скопскиот регион беше „поплавен“ и последниот мит дека Скопје и Македонија сѐ уште се синоними за солидарноста, благородност и помошта.

JASNA KOTEVSKA

Колумна на Јасна Котеска

Најтажната вест неделава доаѓа од итната седница на Собранието на Република Македонија по повод поплавите од 6 август 2016 во која животот го загубија 23 лица, а 5,000 семејства останаа со делумно или со целосно уништени домови. Владејачкото мнозинство на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ изгласа дека нема ништо спорно со изградбата на налудничавите објекти по течението на реката Вардар, дел од проектот Скопје 2014.

Со тоа на седницата беше „поплавен“ и последниот мит дека градот Скопје и нашата Република сѐ уште се синоними за солидарноста, возвишеноста, благородноста и помошта!

Наместо 18-те милиони евра народни пари од Панорамското тркало да се пренаменат за настраданите во поплавите, пратениците на владејачката коалиција изгласаа дека сакаат продолжување на „изградбата на објекти и други градежни активности по течението на реката Вардар, а кои може да предизвикаат несакани промени во водостојот и текот на реките“!

SKOPJE

Жртвите од поплавите паднаа во втор план, а медиумите соопштија дека помошта за настраданите делумно ќе дојде од Владата, а делумно од странски кредити по „поволни услови“ и дека семејствата на починатите ќе добијат по 3,000 евра, а поплавените семејства 500 евра! Панорамското тркало, Рајската градина и секојдневното преоблекување на објектите од центарот на Скопје во барок остануваат аксиоматска вредност број еден за раководните структури во државата.

Скопје 2014 на Груевски и козоморот на Колишевски

За објаснување овој тажен феномен, еве една приказна.

Во една епизода од култниот унгарски цртан филм Густав од 1970-тите, со наслов „Густав бои“ прикажан е главниот лик Густав, субверзивен нихилист во интимна битка со сиот свет, како се буди едно утро и забележува дека копчето од манжетна е со избледена буква. За да ја „поправи“ грешката, Густав со црна боја ја премачкува буквата, но неколку капки од бојата паѓаат врз масата. Во опсесивноста Густав ја бојадисува масата во црна боја, а потоа по истиот принцип следи бојадисување на ноќната ламба, фотелјата, тепихот, ѕидовите, потоа на сликите, вратата, полиците и таванот. Кога конечно завршува со станот и оди кон метрото, на свое запрепастување сфаќа дека на улицата оставил црни дамки, па со црна боја ја обојува целата улица. Последните секунди од филмот ја даваат мапата на градот, каде опсесивниот неуротик ги обојува една по една сите населби, така што во нив нема ниедна грешка, а последната секунда од филмот ја дава мапата на Будимпешта, целата во црно.

Суштинската лекција од цртаниот филм за Густав е во сатирата за психо-динамиката на автодеструктивниот бес на автократот. Ниедна зграда не смее да остане како што била некогаш! Сите мора да бидат обновени, дури и кога обновата подразбира да бидат сосема изгорени, црни. Или, во нашата верзија, барокни, значи „постари“, но така што ќе бидат всушност „подновени“! Цртаниот филм го дава на показ ироничниот тон на теророт на лидерот кој додека ја актуализира апсолутната слобода, истовремено ја укинува слободата за секој кој бил пред или ќе биде по него, токму така како што поранешниот премиер, а сегашниот лидер на владејачката партија ја сфаќа „дневната соба“ на нацијата – главниот град Скопје. Се’ што води кон остатоците од „некогаш“ треба да бидат прекриени, сите тие непристојни спектрални видови што се појавуваат како сеништа од „некогаш“ да ги нема, секоја зграда да биде пресоблечена! Сега е време за Новото, за Партијата. Слично како во комунизмот, впрочем, и затоа не еднаш пишуваме дека ДПМНЕ на Груевски е суштински врзано за опсесијата со комунистичкото владеење. Нема ништо различно помеѓу начинот на кој Груевски го сфаќа Скопје во 2010-тите и начинот на кој Колишевски ја разбирал Македонија во 1940 и 1950-тите кога го предизвикал познатиот козомор во Република Македонија.

Станува збор за истата операција на претворање на стариот материјал во „нов“: материјалното добива негативен статус, не постои „позитивно“ повластена материја, сѐ што стои на патот на новата Партија, мора да се исчисти.

Секако, овде зборуваме за метафората на опсесијата, на лудилото и на општествениот инженеринг на новото. Во цртаниот филм за Густав иронизирана е метафората за водачот и неговата потреба да го унифицира просторот на начин што главниот анксиозен лик конечно ќе се почувствува во тој простор како во својата „дневна собата“.

Од т.н. „бомби“ на опозицијата, веќе знаеме дека креаторот зад Скопје 2014 е Груевски лично и неговите „туристички“ поимања за разликите помеѓу барокот и неоклацизизмот. Но, исто така, се’ што е во функција на прекројување на главниот град е добредојдено.

Новите објекти не треба да се адаптираат на веќе постоечките, напротив – тие треба да се скријат и да се пречкртаат, а најдобро е да заличат на една „унифицирана целина“! Нема тој ништо против унифицираноста, напротив, разликите се тие што му пречат, а унифицираноста во неговото поимање на естетиката е унификацијата на „старите стилови“ до ново совршенство на новиот свет. И при тоа ниту катастрофите не се пречка „проектите“ да се одвиваат непречено!

Забележете дека само во последните две недели по катастрофалната поплава од 6 август со човечки жртви и материјални штети од огромни размери, во државава на никаков начин не беше спречено изведувањето на проектот на налудничавото преоблекувањето на редици објекти од главниот град во барок! Ниту пак поплавите го запреа сечењето на зелените површни во градот. Еве најмалку 10 медиумски информации само од овие две недели, во кои власта на никаков начин не ги запрела активностите околу Скопје 2014 и сечењето на зеленилото, по поплавите!

Mazedonien Parlament in Skopje

1) Вчера, на 18 август општина Карпош за 400,000 евра продала 18,000 квадратни метри зеленило од т.н. Парк на толеранцијата за изградба на нова приватна болница што ќе се крене веднаш пред веќе постојната специјална болница „Филип Втори“.

2) Два дена пред тоа, на 16 август Владата најавила нов пешачки мост, а четврти по ред од проектот Скопје 2014 на реката Вардар, инаку сите мостови на оддалеченост од 250 метри, што ќе би ги поврзувале локациите на „Дрводекор“ и Плоштадот „Пресвета Богородица“.

3) На 16 август, градот Скопје го потврдил договорот да пресоблекување на предната фасада во барок на објектот бр. 32 на улица Македонија (објектот познат под името „Палома Бјанка“) за што би биле потрошени дополнителни 1.1 милион евра народни пари.

4) Еден месец порано бил потврден договорот за ставање барок на објектот бр. 40 на улица Македонија, инаку зграда изградена во 1911 година.

5) На 14 август, во време на најакутната грижа околу загрозените поплавени подрачја било известено дека е завршена изградбата на неокласицистичка палата под името „Лазар Поп Трајков“ кај хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, за што биле потрошени 14 и пол милиони евра народни пари, и бил исечен парк во центарот на градот.

6) Во паркот на МОБ информирано беше дека е при крај изградбата на шесткатната зграда во вредност од 10,1 милиони евра народни пари.

7) Два дена порано, на 12 август, а четврти пат обновен е отпорот на жителите на Тафталиџе 1 започнат уште во мај против изградбата на зграда во локалниот парк, за кој одобрение дала општината Карпош. Оваа општина се јавува и како нарачател на градба на плоштад на зелена површина во населбата Карпош 4 во вредност од 290,000 евра на што со месеци се противат граѓаните на Карпош 4.

8) Два дена порано, а четири дена по катастрофалните поплави, на 10 август, на плоштадот Македонија бил поставен споменик од проектот Скопје 2014, изработен и донесен од леарница во Фиренца.

9) На 9 август, три дена по катастрофалните поплави, турската компанија Лимак на која државата во 2012 и’ продала огромна градежна парцела за 3,3 милиони евра кај старата Железничка станица во Скопје изјавила дека освен подземна сообраќајница, ќе изгради и модерен надземен комплекс со згради и до 20 ката.

10) На местото на некогашниот парк со дрвја било известено дека веќе се привршува изградбата на т.н. „Палата на Зевс“ дел од проектот Скопје 2014, карши хотелот „Бристол“, кој се гради веќе три години и чини околу 17,4 милиони евра народни пари.

Чуму Панорамско тркало, чуму Рајска градина?

Со најмалку 70 објекти само од централното скопско подрачје подложни на преоблекување на зградите во барок, Република Македонија во моментов е феномен незабележан во ниедна земја и во ниеден главен град во Европа од распаѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година до денес.

Текстот во целост прочитајте го тука