Што се случува со менталното здравје на младите – Виолета Цветковска

Сподели

 

Дали требаше да ни се случат две масовни убиства во непосредното соседство, за повторно да го отвориме и конечно да го подигнеме на највисоко ниво прашањето за менталното здравје на младите? – пишува Виолета Цветковска за Республика

Виолета Цветковска

„Случајот на Коста К.“ како и неоправдано ставено во втор план масовното убиство во близина на Младеновац од 21 годишниот Урош Б., се последната опомена за сите нас, родители, деца, училишта, педагози, психолози, и конечно, општеството воопшто да сфатиме дека – задоцнивме! Требаше порано, требаше на време, требаше во континуитет.

Требаше, не да реагираме, туку да превенираме. Едноставно да бидеме будни. Затоа што имаше еден многу еклатантен следоред, предзнаци, на кои требаше само да се фокусираме.

Следејќи ги податоците на двете најреферентни глобални асоцијации Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ – (Фондот на Обединетите нации за заштита на правата на децата) може(в)ме да ги антиципираме некои актуелни случувања. Така според СЗО половината од сите ментални нарушувања (50%) почнуваат пред 14 години, а 75% до средината на 20-тите години. Повеќето од нив остануваат непрепознаени и нелечени.

Рани индикатори

Во Србија 4,1% од вкупните жители имаат симптоми на депресија, 10,8% од учениците пријавуваат лошо расположение, а 21,9% пријавуваат чувство на нервоза барем еднаш неделно.

Според Извештајот на УНИЦЕФ за состојбата на децата во светот за 2021 година, 11,5% или 44.000 адолесценти на возраст од 10 до 19 години во Хрватска имаат проблеми со менталното здравје.

Но, проблемот на менталното здравје на младите не е ниту скорешен, ниту целосно научно и социолошки апсолвиран. Само одвреме навреме, случаи како оној пред дванаесет години на Брејвик, Коста К. или други екстреми ќе не вратат на фокусот и потребата од посериозен и поодговорен пристап кон овој суштински проблем од било кој аспект и во било кое време.

Ако ја тргнеме тешката завеса од глобалната здравствена криза што ни ја наметна пандемијата на вирусот Ковид 19, на виделина ќе излезат најголемите жртви на ова планетарно зло но и последиците кои дополнително ќе ги чувствуваме.

Меѓутоа, гледано од сосема друг, но подеднакво важен агол, би рекле дека првите жртви кои „паднаа“ во општиот хаос и сеопшта хистерија (како резултат од пласираните полуинформации, и дезинформации), создадени од незнаење и неискуство, се младите!

Само пред три години алармот почна вака: „Младите се најчести преносители на заразата, тие лесно ја пребродуваат инфекцијата, но се и најголемата опасност, ги заразуваат постарите и ранливите категории граѓани, тие се недисциплинирани и најчесто ги нарушуваат протоколите…“ И уште една бескрајна листа ставови „на сметка и за сметка на младите“.

Но, вистинското прашање можеби е: Како младите минуваа низ пандемијата и како таа се рефлектираше врз нивното ментално здравје? Прашања кои остануваат во сенка, но, кои, сакале или не, ќе одекнат во иднината.

Еве зошто. Според педантните и длабоко аналитички истражувања на експертите од УНИЦЕФ: „До 20 проценти од адолесцентите на глобално ниво доживуваат ментални нарушувања. Три од четири проблеми со менталното здравје на возрасните лица започнуваат во детството и адолесценцијата, а алармантен дел од адолесцентите, 5 – 10 проценти во земјите со високи приходи и 15 проценти во земјите со средни и ниски приходи имаат обид за самоубиство“.

Извор: newsroom.uhc.com

Првичните сознанија доаѓаат од општата перцепција и случувањата од секоја точка на светот, од секоја земја каде вирусот ја проби заштитната опна на физичкото, но и на менталното здравје, па и кај нас. Ако тргнеме од констатацијата на експертската јавност од афилијацијата на ОН која најсериозно се бави со здравјето на младите, можеме да очекуваме дека како во сиромашна земја, во Македонија би требало да очекуваме и понеповолни резултати за сегашноста и за иднината на младата популација.

Дури беневолентно звучат зборовите на извршната директорка на УНИЦЕФ Хенриета Форе дека „Децата ширум светот се заклучени надвор од училниците, затворени во нивните домови и ограбени од секојдневната радост на играње со пријателите – тоа се последиците од пандемијата“.

Повеќе милиони семејства се турнати во сиромаштија, не можат да врзат крај со крај. Детскиот труд, злоупотребата и родовото насилство се во пораст. Многу деца се исполнети со тага, повредени се или чувствуваат анксиозност. Некои од нив дури се прашуваат каде оди овој свет и какво им е местото во него? Навистина, ова се многу тешки времиња за децата и младите луѓе, и ова е состојбата во која се наоѓа нивниот свет во 2021 година.“

Пандемија по пандемијата

Работата оди дотаму што анксиозноста и депресијата, траумите, осаменоста и изолацијата, зголемениот број самоубиства и чувството на загуба, како и зголемената употреба на алкохол и на други опојни супстанци и екстернализирањето на проблеми во однесувањето, може да има акутни, но и долготрајни ефекти врз менталното здравје на децата и адолесцентите, поточно на севкупната млада популација.

Во првичните истражувања меѓу децата и возрасните во 21 земја кои ги спроведоа УНИЦЕФ и Галуп е утврдено дека секој петти млад човек на возраст од 15 до 24 години изјавил дека се чувствува депресивно или дека не е заинтересиран за ништо.

Ни Македонија не остана на маргините на светските искуства и сознанија. Во утврдување на последиците на пандемијата врз здравјето на младите, направена е студија во регионални рамки во која е опфатена и Република Северна Македонија.

Станува збор за студијата на Европската мрежа на Меѓународната федерација за планирано родителство (IPPF) којашто работи на зајакнување на системите за здравствена заштита преку проектот „Младите зборуваат, младите одбираат“, за да ги отстрани сите видови бариери што ги спречуваат младите луѓе да пристапат до основна нега, во пет балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово и Македонија.

Наодите презентирани во Извештајот од истражувањето јасно покажуваат дека сексуалното и репродуктивното здравје и права имаат суштинско значење за менталната и физичката благосостојба на една млада личност.

Младите луѓе имаат јасен став дека за време на пандемијата менталното здравје станало еднакво важно како и физичкото здравје, ако не и повеќе. Ова се отсликува во постојното негативно влијание на пандемијата врз менталното здравје и кај општата млада популација (55 % изјавиле дека ковидот негативно им влијаел врз менталното здравје) и кај младите во ранливи состојби (52 %). Ако се согледа само еден сегмент кој негативно ескалираше во овој период, ќе се види дека сексуалното и родово базирано насилство за време на пандемијата било многу распространето.

Поконкретно, уделот на младите во ранливи ситуации кои пријавиле дека лично доживеале или посведочиле инциденти со сексуално и родово базирано насилство е исклучително голем кај Ромите (58 %) и кај младите од ЛГБТ заедницата (42 %).

Меѓутоа, речиси двајца од тројца млади луѓе не знаеле како и каде да побараат поддршка. Освен тоа, општоприфатено е дека државата реагирала неадекватно на проблемот со сексуално и родово базирано насилство за време на пандемијата. Тие ја потврдуваат цврстата определба дека квалитетно и достапно сексуално образование, информации и пријателска грижа за младите мора континуирано да се обезбедуваат за сите млади луѓе – пред, за време и по кризата.

Кои се патиштата за излез од наметнатата ситуација и како црната слика, ако не во бела, барем да ја обоиме во светло сива?

Колку чини душата?

Пандемијата, во секој поглед, веќе зеде голем данок. Се уште ги доживуваме и анализираме случаевите на масовните убиства, на социопатолошко однесување, лесно посегнуваме по дијагнози на психопатија, уделот на родителите во воспитанието, идентификацијата, идеологијата или непресметливост. И сега некој се сети и на психолозите и психијатрите, на кои колку и да им е ова професионална определба, подеднакво останаа затечени.

Но, во неолибералниот свет (капитализам) каде сé се монетаризира, па и психата и менталното здравје, според Лондонската школа за економија, се наведува дека изгубениот придонес во економиите предизвикани од менталните нарушувања кои пак, доведуваат до инвалидитет или смрт кај младите се проценува на речиси 390 милијарди долари на годишно ниво.

А почетокот на решението се знае каде е: Прво, еднаш засекогаш да се прекине молкот што е обвиен околу менталните болести, со дестигматизација и непрекината работа на подобро разбирање на менталното здравје, но и со сериозен пристап и разбирање на проблемите и искуствата што во оваа сфера ги имаат младите.

Во тие рамки влегуваат и интервенциите за справување со овие негативни влијанија кои вклучуваат брз скрининг, програми за родителство, програми во заедницата и училиштата и користење на дигитални алатки и платформи. Тука некаде може да се лоцира и позитивниот импакт од забрзаната дигитализација во образовната и комуникациската сфера што како изнуден нуспроизвод произлезе во изминатите три години од пандемијата.

Освен семејството, институциите на системот, граѓанските организации, односно невладиниот сектор, клучна алка во синџирот е и училиштето – преку програмирана настава, индивидуален пристап до младите во поттикнување на стекнување и надградба на интерперсоналните вештини, етика и емпатија. Сепак, посебно треба да се нагласи и социјалната заштита, преку еднократни или долгорочни програми за подигнување на социјалниот статус на семејствата кои се на работ на сиромаштијата, бидејќи во таквата социјална категорија граѓани се и најприсутни ваквите проблеми.

Но, дали е тоа доволно? НЕ! Час поскоро ни е потребно креирањето позитивни стратегии за справување, издржливост, социјална поврзаност не само преку дигитални медиуми туку и на обезбедување повеќе време за семејството и ослободување од академскиот стрес во фазата на нивното образување.

Во барањето решенија во рана фаза, светските експерти и истражувачи на овој проблем сепак укажуваат на нужната интердисциплинарна и меѓуинституционална соработка, од континуирани кампањи, редовно образовно подигнување на свеста, вклучително и зголемена дигитална писменост – описменување (не забрани, туку етичка едукација при нивното користење) и јакнење на капацитетите на професионалците во оваа сфера.

Секако улогата и учеството на родителите во изградбата и зачувувањето на менталното здравје на младите е примарна, но во прв ред, веднаш до нив се, самите тие – младите. И тие треба да се слушнат и да им се даде шанса да одлучуваат. Сепак, најголемиот дел од нив знаат да препознаат, а со тоа и да се заштитат.