Дали можам да му наложам на работникот да работи прекувремено, колку време и колку треба да му платам, се чести прашања од работодавачите. Аналогно на тоа, работниците често прашуваат: дали мора да работам прекувремено ако ми биде наложено, колку време и колку треба да ми биде платено?, пишува Мимоза Богатинова за Республика
Прекувремената работа во нашето законодавство е уредена со Законот за работните односи.
Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа), но само: во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес, ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата, ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и во други случаи определени со закон или колективен договор.
Тоа значи дека прекувремената работа може да биде доуредена и со подзаконски акти од трудовото право или со други закони.
Основна одредба за времетраењето на прекувремената работа е дека таа работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од наведеното е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.
Дозволено траење на прекувремената работа подолго од пропишаното
Исклучокот од ова се однесува на работниците од Министерството за внатрешни работи и на работниците од Агенцијата за национална безбедност, кои вршат посебни должности и овластувања согласно посебни закони, каде прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Забележувате дека кога се работи за исклучоци, односно прекувремена работа подолга од дозволената, потребна е писмена согласност од работникот.
Со измени и дополнувања на Законот за работните односи кои стапија на сила од 30 мај 2023 година, дозволен е нов исклучок од пропишаното, за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот.
Работењето над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор од Законот за работните односи.
Колку треба да се плати за прекувремена работа?
Прекувремената работа претставува додаток на плата, што значи дека за тоа треба да бидат платени и придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на личен доход.
Со колективни договори е пропишано дека за прекувремена работа основната плата во приватниот сектор се зголемува за најмалку 35% проценти, а во јавниот сектор тој процент изнесува најмалку 29%. Може да се исплати и над минимумот.
На пример, ако една дневница на работникот од приватниот сектор изнесува 1.000 денари и тој работел 2 часа прекувремено, односно 10 часа вкупно, неговата дневница за тој ден ќе изнесува околу 1.340 денари.
На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се пресметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во државата.
Најчести практични проблеми
Кога работодавачот ќе му наложи на работникот да работи прекувремено, тоа мора да биде документирано, односно наложено писмено.
Најчест проблем во практиката е кога работодавачите ќе дадат устен налог за прекувремена работа, што остава простор и за манипулирање со исплатата, бидејќи работникот нема доказ дека му била наложена прекувремена работа.
Исто така, треба да се води евиденција за работното време на работниците, за да се одвои редовната од прекувремената работа.
Извор: Freepik
Друг проблем кој практично се јавува е дали работникот мора да остане да работи прекувремено ако му е наложено?
Доколку се работи за некои од случаите наведени во законот и тоа писмено биде побарано од работникот, тој мора да ја изврши прекувремената работа, но во траење пропишано со законот. Доколку се бара да работи над тој пропишан максимум, тогаш тоа за него претставува избор, а не обврска.
Дали измените се поволни за работниците?
Да се осврнеме на последните измени од Законот за работните односи.
Дозволено е да се работи прекувремено на проекти кои се од стратешко национално значење. Такви актуелни проекти се коридорите, односно изградбата на патишта и делници на повеќе локации во државата. Наведено е дека ќе биде потребна согласност од работникот за да може да работи прекувремено повеќе од дозволеното.
Со измените е дозволено да се работи и во недела на проекти кои се од стратешко национално значење.
Иако можеби причините се недостаток од работна сила, согласно Законот за утврдување јавен интерес, може да се ангажираат и странски работници, тука се поставува прашањето: дали воопшто е хумано да биде дозволено да се работи повеќе од 10 часа дневно, особено кога се работи за физички тешка работа? Повеќето работни позиции од градежната индустрија имаат право и на бенефициран стаж, што значи дека за 12 месеци платен работен стаж добиваат плус еден до три месеци работен стаж.
Треба да се има предвид и дека повозрасните лица, жени над 57 години, мажи на 59 години и бремените жени мора да дадат согласност за прекувремена работа.
Согласно европската директива 2003/88/EZ која се однесува на работното време, од 2003 година вкупното работно време е ограничено на 48 часа неделно.
Дали пократка работна недела воедно би значела и поголема продуктивност?
Да се присетиме на почетокот на периодот на кризата предизвикана од Ковид 19 вирусот кога низ светот за да се намалат загубите во бизнисот голем дел од работниците беа принудени да ги извршуваат работните задачи од дома.
Зачудувачки за работодавачите, но тоа функционираше дури со намалени трошоци. Комфорот на работниците кој им го дозволува домот е дополнителен фактор за поефективно извршување на работните задачи и тоа за пократок временски период. Оттогаш, многу работодавачи воведоа хибриден систем на работа, комбинации на работа од дома и во просториите на компаниите.
Исто така, за поголема ефективност и продуктивност, а воедно и посреќен кадар, во светот веќе одамна постојат обиди да се редуцира работното време, со тоа што се намалува од 8 на 6 часа дневно, за истата плата како осумчасовното, или пак четиричасовно работно време во петок, како ден пред викенд.
Од 2019 година постои непрофитна организација на глобално ниво (Day Week Global) која се залага за четиридневна работна недела и нуди пилот програма за работодавачите како да постигнат поголема продуктивност, а воедно и поголема благосостојба на вработените со намалување на работната недела од пет на четири дена.
Ваквата тенденција на намалување на работната недела е прифатена и се тестира во повеќе земји во светот како што се Ирска и Јапонија, а во Калифорнија веќе постои предлог закон кој е во институционална процедура за официјално преминување на четиридневна работна недела, а за работењето над 32 часа неделно се предвидува плаќање на прекувремени часови.
За да дознаеме дали навистина овие мерки функционираат, треба да ги воведеме. За вработените во македонските компании ова сè уште се само приказни од светот.