Словенија го прогласи 14. август за неработен ден

Сподели

 

Владата на Република Словенија одлучи понеделник, 14 август да го прогласи за ден на солидарност, а граѓаните ќе добијат слободен ден за да помогнат во санирање на штетите од поплавите.

Премиерот Роберт Голоб соопшти дека земјата сака да го заврши тешкиот период во духот на солидарноста и дека луѓето ќе добијат слободен ден за да им помогнат на познаникот, соседот, пријателот и сите што се погодени од големите поплави.

Во видео-обраќање објавено на Инстаграм, Голоб наведе дека во последните денови пристигнале многу иницијативи и предлози од граѓаните во врска со катастрофалните поплави, а еден од нив е 14 август да се прогласи за слободен ден за сите да им покажат на погодените од катастрофата дека не се препуштени сами на себе.
 

Словенечката трговско-индустриска комора ја критикуваше ваквата одлука, наведувајќи дека денот на солидарноста ќе создаде дополнителни трошоци за компаниите во другите делови на земјата и дека ќе биде подобро наместо слободен ден, Владата да одреди дневниот трошок на труд да се донира за помош на ранливите.

Од Комората сметаат дека неработниот ден ќе ги погоди и компаниите погодени од поплавите кои успеаја да ги санираат штетите и планираат повторно да почнат со работа.

Поплавите што ја погодија Словенија кон крајот на минатата недела беа прогласени за најголема природна катастрофа од независноста во 1991 година. Две третини од земјата беа уништени, многумина ги загубија своите домови, а шест лица ги загубија животите.