Во шумските пожари на хавајскиот остров Мауи загинаа најмалку 53 лица, а бројот на жртвите се очекува да се зголеми, бидејќи над 1.000 се водат за исчезнати.
Уништен е туристичкиот историски град Лахаина, за што ќе бидат потребни многу години и милијарди долари за обнова, изјавија властите на Хаваи. Гувернерот Џош Грин рече дека пеколот што го претвори голем дел од Лахаина во урнатини е најлошата природна катастрофа во историјата на државата, која остави илјадници луѓе без покрив над главата и срамни дури 1.700 згради, пренесе Би-би-си.
Ниту еден од трите главни големи пожари сè уште не е изгаснат, иако пожарот во Лахаина е 80% локализиран. Повеќе од 14.000 туристи се евакуирани, а 11.000 луѓе уште се без струја на островот. Илјадници туристи и локални жители беа евакуирани од западната страна на Мауи, која има околу 166.000 жители во текот на целата година, а некои се засолниле на островот или на соседниот остров Оаху. Туристите кампуваа на аеродромот Кахулуи, чекајќи летови за дома./Мета.мк