Транспаренси Интернешнл- Македонија во 2016 година го подготви извештајот: „Националниот систем за интегритет на Македонија”, кој содржи анализа на состојбата со столбовите на интегритет на Македонија во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Во рамките на овој извештај е направена анализа и е дадена оценка за 15 столбови, кои се дел од државното уредување на земјата. Оценката се оформува според методологија подготвена од страна на Транспаренси Интернешнл.
Во рамките на овој извештај беше анализирана и работата на Народниот правобранител.
Во извештајот беа дадени препораки за унапредување и подобрување на работата на Народниот правобранител. ТИ-М подготвува нов извештај кој треба да биде објавен во текот на октомври 2023. За потребите на овој извештај беше анализирана и исполнетоста на препораките.
Законот за Народниот правобранител треба да биде изменет и дополнет, со цел да се осигури целосна усогласеност со Париските начела што се однесуваат на органите за човекови права, особено проширување на овластувањата на канцеларијата на Народниот правобранител за унапредување на човековите права.
Потребни се дополнителни измени на правната регулатива и усогласување со Париските начела за човекови права за Народниот правобранител да добие статус на Национална институција за заштита на човековите права.
Потребни се поголеми човечки и финансиски ресурси за канцеларијата на Народниот правобранител со цел да се остварат надлежностите.
Буџетот во изминатите години е зголемен незначително и не ги отсликува реалните потреби на Кнацеларијата на Народниот правобранител. Потребни се дополнителни средства за градење на капацитетите на вработените, но и би се ангажирал дополнителен човечки кадар. Заклучно со 2022 година само 83 работни места од вкупно 183 планирани биле пополнети.
Владата и Собранието треба да воведат законска одредба со која следењето на препораките на Народниот правобранител ќе биде задолжително, со јасни рокови, и да воведат соодветни санкции за неследење на случаите.
Потребен дополнителен анганжман и комуникација помеѓу институциите како би се подобрила имплементацијата на препораките дадени од страна на Народниот правобранител, се наведува во извештајот на Транспаренси Интернешнл Македонија.