И ЕУ има алтернатива! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Мерсел Биљали

Кој се бори со чудовиште мора да внимава и самиот да не стане чудовиште за време на борбата. А ако долго гледате во бездна и таа ќе почне да гледа во вас – вели познатиот германски филозоф Фридрих Ниче.

Не е познато дека сме се бореле со некое чудовиште на овие простори ама дека со децении сме гледале во бездната, тоа е сосема точно. И затоа и бездното повеќе од 30 години гледа во нас. Со години кај нас едни политичари се продаваат како големи партиоти, а докажано е дека целта им се големите пари. Таквиот патриотизам, на едни луѓе им наликува на ептен вкусна храна, ама сепак многу отровна. Вешто користеа и сеуште продолжуваат да се користат зборови кои лесно допираат до срцето без да поминат низ разумот и совеста. Смешни нешта беа прогласени за национална гордост. На човечкиот мозок извалкан со историски отпад полесно му е да мисли за отпадот отколку за нормалноста. Последната афера докажува до кој степен е отруен нашиот мозок!

Бројни политичари, служејќи се со општествените дефекти (за кои често и самите допринеле), само ги дуплирале дефектите. Тие потврдија дека ѓаволот има повеќе од 12 апостоли. И по 33 години, и на внатрешен и на надворепшен план, тука сеуште се турка со логиката на евтин национал-романитизам. Од територијалната организација, Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Францускиот предлог, и конечно уставните измени. Тема за развој и економија скоро да нема. И затоа сега бараме начин како ЕУ да не извлече од калта каде што самите влеговме, докажувајќи дека самите немаме капацитет тоа да го направиме.

Проблемите кај нас од практички станаа системско-функционални, па и културолошки. Немањето елементарен мерит-систем во сите пори на општеството и негово компензирање со партизација е најголемото зло што може да му се случи на општествтоо. Без тоа нема развој, нема образование, нема здравство, нема функционалност, на крајот ги снема и луѓето. Системската корупција имала потреба да го униште мерит-системот и сега сме стасале до самиот раб на еден длабок и опасен кањон. Под хитно е потребен мерит-систем и тоа во сите сфери – “од цара до говедара“. А ние треба да сфатиме дека тие што ни нудат етно-патриотизам, практично ни нудат една опасна голгота свиткана во убава амбалажа. Неслучајно полни дворски шутови се стекнаа со големи дворови.

Членство без зачленување во ЕУ?!

Модалитети да влеземе во ЕУ без полноправно зачленување има и тие се две. Првото е ако државата се зачлени во Европската Економска Зона, а втората можност е со договор за заеднички пазар со ЕУ (согласно Договорот за Функционирање на ЕУ). Но, кај двете е потребна политичка волја.

Светската и регионалната геополитика, и внатрешната состојба пак ни ја отвори темата за можен „брз воз“ за ЕУ. Потои ли таков воз? Малкумина знаат дека тој воз се вика  Европската Економска Зона. Таа е формирана во 2004 година, како спогодба меѓу ЕУ и земјите членки на ЕФТА (Европска слободна трговска асоцијација). Моментално таму се членки Норвешка, Ирска и Лихтенштајн (Швајцарија е вклучена преку ЕФТА). Ако имаме можност таму да се зачлениме за две години, тогаш треба да се мобилизираме, вклучително и за уставните измени. Тоа со сите механизми е рамно на полноправното членство освен што се нема право на глас во европските институции. Но, тоа можеби е среќна околност, оти цел Европа ќе видеше што валкан веш имаме ние! ЕЕЗ ни е брз спас пред некој овде да го изгасне последното светло.

Познато е дека Исланд аплицираше за членство во ЕУ во јуни 2009 година, гледајќи го како можност за излез од глобалната финансиска криза од 2007 и 2008 година. Советот го прифати барањето на Исланд на 17 јуни 2010 година, а преговорите започнаа во јуни 2011 година. Меѓутоа, во март 2015 година, исландската влада писмено го информираше Советот на Европската унија дека „Исланд не треба да се смета за земја кандидат за прием во ЕУ“. Таа држава продолжува да се развива по европски стнадарди, по блиски правила, по институционална соработка, со користење средства од фондови итн.

ЕЕЗ ги опфаќа четирите европски слободи – слободно движење на стоки, лица, услуги и капитал, но и политиките поврзани со тоа како што се пазарна конкуренција, транспортот, енергијата и економската и монетарна соработка, политиките во областа на заштитата на потрошувачите, на животната средина, на статистиката и правата на компаниите и голем број придружни политики како што се оние поврзани со истражување и технолошки развој кои, иако не се засновани на acquis на ЕУ, односно не се правно обврзувачки, сепак тие се спроведуваат во рамките на соработката.

Втората варијанта е со двостран договор за заеднички пазар со ЕУ, но тука треба да се има предвид дека ова материја не потпаѓа под ексклузивна надлежност на ЕУ, туку како поделена надлежност меѓу ЕУ со државите членки. Важна улога тука играат главните органи на ЕУ. Но, ова може успешно со добра координација да се користи во постојни геополитички состојби. Ќе биде многу потешко по завршувањето на војната во Украина. 

Искажувањата од типот дека „бараме само полноправно членство и ништо помалку“, се само празни жалопојки на тие кои не доведоа до тука. Впрочем, никогаш ништо не се добива наеднаш. Не можеме како мало дете да бараме само цело чоколадо, оти не го заслужуваме тоа. Впрочем, се е процес – аплицирање, договор за стабилизација и асоцијација, стаус кандидат, преговори па членство.

Европа, пет до десет години по крвавата војна ја создаде ЕЕЗ, заедничкиот пазар, а ние балканците и по 30 години сеуште се држиме на нишан. Ескобар со право вели дека овдешните политичари не еволуирале во нивното размислување, заробено во 1990 година. Полни 33 години го гледаме само лошото, а и тоа не гледа нас и никако да престанеме на ѓаволот да му градиме куќа. Со години не сфаќаме дека ако се сопнуваме на ист камен, проблемот не е кај каменот.