Владата ја поздравува одлуката на Европската комисија со која Скопје ја доби титулата „Европска престолнина на културата за 2028 година“. Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е успех за македонската култура и признание за влогот на Владата на Република Северна Македонија во заложбите за негување на културното богатство и на европските вредности.
Во конкуренција на Будва, Црна Гора, титулата европска престолнина на културата за 2028 припадна на Скопје со што започнуваат подготовките за годината во која ќе се слават македонската и европската култура во нашиот главен град.
Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на надлежните институции, за што Министерството за култура вложи сериозни напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето за оваа престижна но и одговорна титула а со цел заштита и промоција на националните и европските културни вредности. Институциите заеднички се подготвени да одговорат на предизвикот и заеднички под европското и македонското знаме да ја подигнат креативната енергија и на граѓаните и на државата и да ги отворат вратите за македонската и европската култура.
„Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот“, изјави министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска по соопштувањето на одлуката.
Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка за реализација на овој проект, во којшто се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата, што всушност беше и клучен аспект кој обезбеди Скопје да е европска престолнина на културата 2028.
Повикувајќи на креативна мобилизација, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска најави дека сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ, додавајќи дека ова е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска оцени дека на титулата гледа како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.
За успешна подготовка за годината кога во Скопје ќе се вкрстат европската и домашната култура, министерката Костадиновска-Стојчевска посочи дека од полза се сите заложби и резултати што како држава и култура ги постигнуваме низ регионалната соработка и преку разни иницијативи и програми.