Денеска Проф. д-р Вело Марковски ги презентираше неговите главни ставови врз кои ќе се темели неговата изборна програма за Претседател на Македонија.
“Се вклучувам во претстојните избори за Претседател на Македонија како независен кандидат. Одлуката ја донесов после многу средби, разговори и поддршка од голем број наши граѓани.
Не може да седиме и да гледаме како Македонија ни тоне во хаос. Болното здравство ги зема животите на нашите луѓе. Корупцијата ги брка младите надвор од државата. Со лажните вести ни ја уништуваат самосвеста, а незнаењето, безидејноста и алчноста на политичките елити го турна народот во колективна депресија.
Претстојните избори ќе бидат можност за храбра, суштинска и квалитетна промена во извршувањето на функцијата Претседател на државата.
Мојата визија за Претседател е дека таткото на нацијата секогаш треба да биде на страната на граѓаните. Да биде гласен, без разлика дали е изложен на внатрешен и меѓународен притисок и дали се согласуваат “странците”. Вистински Претседател секогаш ќе знае да ја објасни и одбрани позицијата на својот народ и на својата Држава, И секогаш ќе биде заштитен од граѓаните.
Почитувани, ЕУ има 27 држави. Англија излезе од ЕУ а Исланд ги прекина преговорите. Сите се примени според Копнхашките и Мадриските критериуми. Зошто за Македонија се измислуваат нови критериуми. Ние не сме едниствени чија што европска интеграција трае. Србија, Црна Гора, Албанија, Турција се еклатантен пример дека преговорите тапкаат во место со децении.
Од друга страна, Европа самата не може да се договори и усогласи дали и треба проширување, дали ќе го има, кога и по кои критериуми. Исто така Европската Унија увидува дека не може да функционира и да носи одлуки со едногласност. Свесни дека ЕУ има многу проблеми, дека веќе не се почитуватат идеите и визијата на татковците на ЕУ, свесни дека ЕУ во сите сегменти заостанува зад многу држави во светот и дека на ЕУ и требаат нови лидери, Европа се реформира. Затоа треба да почекаме Европа да ги реши своите проблеми, па дури отпосле да се размислува како ќе се одвиваат преговорите меѓу Македонија и ЕУ.
Мојот став е дека целата процедура со промената на Уставот треба ОДЛУЧНО да се ПРЕКИНЕ. Преспанскиот и Бугарскиот договор се генератори на несреќа, чувство на најмала вредност, вознемиреност, страв за иднината и поделеност во македонското општество. Мораме да си ја вратиме самопочитта, да си ја сакаме Македонија. Не можеме да одиме боси низ трње по патот кон ЕУ.
Вистински Претседател нема да дозволи да биде маргинализиран, без разлика што за тоа мислат партиските лидери. При тоа кохабитација меѓу Претседателот и партиите мора да има, а основен услов е да биде задоволен интересот на народот и државниот интерес, а не интересот на партиските лидери.
Независен кандидат за Претседател подржан од народот е добра можност за обединување и функционирање на државата. Мораме да излеземе од вртлогот кој не влече надоле со поставување на кадри според различни клучови или непотизам. Поставување на функционер мора да биде под овие услови: да е способен, да си ја сака државата и да ги почитува законите. ДРЖАВАТА МОРА ДА ФУНКЦИОНИРА. Функционална држава е потребна за сите. Основното мото треба да ни биде ЈА САКАМ ТАТКОВИНАТА МАКЕДОНИЈА!
Претседателот има законска и морална одговорност во заштитата на македонскиот народ и македонскиот јазик. И затоа треба одлучно да се избори да бидат отфрлени тезите дека македонскиот јазик е нов и потекнува од старо бугарски јазик, бидејќи се наметнува многу опасна теза за старобугарско потекло на сите словенски јазици. Тоа предизвикува конфузија и раздор помеѓу словенските народи. Впрочем Каменот од Розета со указ на Птоломеј Сотир, напишан во 169 година пред наша ера, во средниот дел има најмалку 160 зборови идентични на современиот македонски јазик.
Православен христијанин сум, верувам, ја почитувам и благодарен сум на Македонската православна црква и Охридска архиепископија во зачувување на македонскиот народ, особено во средниот век. Но добри македонци се и припадниците на другите религии. Македонците муслимани се нераздвоен дел од македонското ткиво. Сите граѓани кои си имаат своја религија, и на свој начин го слават бога се добри граѓани се додека веруваат во религии во кои човекот, хуманоста, грижата за природата и животот во сите облици, се во центарот на тие религии. Македонија нема да биде успешна ако максимално не се залагаат сите: и православни христијани, и муслимани, и католици, евангелисти, протестанти… и ако сите поденакво не си ја сакаат татковината, ако не си ја сакаат Македонија.
Семејството е основна клетка на секое општество.
Македонија е дел од Европа, од планетата Земја, која е дел од нашата галаксија и е составен дел на универзумот. Грижата за природата, животните и животот во сите облици, користење на енергија исклучително од обновливи извори е придонес за непречено функционирање на универзумот. Хидроцентрали, хидрогенски централи и атомски централи се перспективата за извор на енергија и наша обврска за заштита на планетата Земја од глобално затоплување и пореметувања кои можат да го загрозат функционирањето на галаксијата и универзумот.
Во периодот до избори ќе ја презентирам нашата, македонската платформа. Очекувам поддршка од сите граѓани без разлика на партиската определба. Ќе прифатам поддршка од сите, освен од поединци и партии кои макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и повеќе вековно постоење на современа македонската нација.
МАКЕДОНИЈА СЕ БУДИ, СИ ЈА САКАМ МАКЕДОНИЈА! – Вело Марковски