Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска претседаваше со 22-от Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК) меѓу Македонија и ЕУ Комитетот на региони. Комитетот го отворија градоначалничката Арсовска, заедно со Јасна Габриќ од Словенија, како ко-претседавачки на ова заедничко тело.
– По одличната средба во Брисел, големо задоволство ми е да бидам денеска тука и да презентираме се што е направено во изминатиот период и што треба да се адресира во следниот период, како и да дискутираме на теми од интерес на локалните самоуправи во контекст на евроинтеграциските процеси. Европскиот комитет на региони има законска должност да ја претставува ЕУ во долгорочна мисија да им помогне на земјите-партнери да се подготват за членството во ЕУ. Затоа на денешните тематски панели зборуваме за добри практики и позитивни примери од членките на Советот на Европа во однос на тоа што треба да се фокусираме во тие процеси во наредниот период, со цел општините да бидат целосно подготвени бидејќи над 70 проценти од регулативата на ЕУ се однесува на локалните власти – истакна Арсовска.
На денешниот состанок се дискутираше за две теми, првата посветена на активностите и состојбите околу пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија, а втората тема беше посветена на владеењето на правото и улогата на локалните заедници во борбата против говорот на омраза, злосторствата од омраза, лажните вести и странското влијание.