Општина Центар преку графити ги слави македонските уметници

Сподели

 

Со цел да го збогати визуелниот изглед на објектите, Општина Центар изработува мурали и графити на одредени локации во општината. Од вчера муралот на македонскиот доајен Александар Џамбазов го краси ѕидот на ул. Орце Николов во Дебар Маало, близу Наџак. Муралот го насликаа уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најавува настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот “Златно славејче” на 25 јануари наредната година, кога ќе се одбележи двегодишнината од неговата смрт.

„Навистина е задоволство да се има муралот на доајенот Александар Џамбазов кој со својот  неверојатен творечки опус остави неповторлив белег во својата професија и нашата историја. Тој беше автор на детски песни, иницијатор за формирање на фестивалот „Златко Славејче“, пишувач на сценска и филмска музика, македонски диригент и композитор и великан на современата македонска музика. Настанот на 25 јануари ќе претставува своевидно потсетување на музичкиот опус на основачот на детскиот фестивал и доајен Александар Џамбазов“, вели Герасимовски.

Минатата година за 70-от роденден на Горан Стефановски, градоначалникот Горан Герасимовски со наслов од Горан за Горан подари мурал од Стефановски насликан на ООУ „Коле Неделковски“. Летово на Културниот центар „Јадро“ и ООУ „Димитар Миладинов“ насликани беа графити инспирирани од 60-та годишнина од земјотресот во Скопје.