Лажните и малициозни вести, лиферувани од лица и медиуми кои немаат основно чувство за професионалност ниту пак се придржуваат кон основните етички и морални нормативи на еснафот се рак рана на македонското општество со децении.
Таков е и примерот со т.н. медиум, порталот „Нетпрес“ кој во континуитет шири лажни вести во врска со Јавното Сообраќајно претпријатие, со единствена цел – исполнување на нарачана политичка агенда, наспроти професионалната обврска на медиумот за навремено, точно и проверено информирање на јавноста, реагираат од Град Скопје.
Со лажни вести, нарачателите на ваквите текстови треба да знаат дека ниту ќе ја исполнат својата политичка агенда, туку напротив, ваквите лаги ќе им се вратат како бумеранг.
Спротивно на тврдењето во текстот на т.н. медиум, порталот „Нетпрес“ дека не добиле одговор од градот Скопје во врска со тужбени побарувања од страна на приватниот превозник „Слобода Превоз“, од т.н. медиум побарале одговор непосредно пред објавување на спорниот текст со што постапиле целосно непрофесионално и спротивно на начелото на добивање на одговор во разумен рок и не овозможиле јавноста да ги добие фактите од наша страна.
Дополнително, целосно е лажно тврдењето дека градот Скопје ќе треба да исплаќа казнени камати во врска со спорот кој го водеше против „Слобода Превоз“ пред надлежниот суд.
Вистината е дека приватниот превозник „Слобода Превоз“ ги изгуби сите тужби против Град Скопје, а во постапка пред Апелациониот суд, сами ја повлекоа тужбата. За да биде вистината целосна, надлежниот Суд во Скопје го отфрли тврдењето на „Слобода Превоз“ дека договорот е незаконски раскинат и не дозволи продолжување на договорот.
Постои тужба против ЈСП од „Слобода Превоз“, при што не е констатиран никаков долг, ниту било какво друго побарување – постапката не е завршена.
Овој демант, може да се смета за навремено барање за повлекување на веста и извинување, во спротивно, доколку во законскиот рок од 48 часа порталот „Нетпресс“ не ја повлече веста и не се извини во обем и на начин на кој што е објавена лажната вест, ќе вложиме соодветна тужба надлежниот Суд во Скопје, информираат од Град Скопје.