Новинарите протестираа пред Основен суд Скопје 1 за поддршка на колегата Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“, чие судење требаше да се одржи денеска, но се одложи поради технички причини и е презакажано за 27 септември.
Како што беше објаснето, бидејќи за него се води одвоена постапка, судијата немал увид во доказите па затоа ќе побарал од Апелација, да му бидат доставени сите докази за да може да се одржи следното рочиште.
Божиновски денеска не беше донесен во судот. Одлуката за неговото недонесување била повлечена уште вчера токму поради овие причини.
Претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, рече дека се дојдени да покажат солидарност со Божиновски, кој веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар.
„ – Ги потсетуваме судиите дека Македонија е втора земја во Европа, во која има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, а сега и Божиновски. Гласно прашуваме кој ќе биде следниот. Во земјата каде што новинарите се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги застрашуваат и дисциплинираат другите“, рече Селмани.
„Бараме Божиновски веднаш да се пушти од притвор и да му се овозможи, како на некои поранешни функционери, да се брани од слобода. Ако не постои опасност политичари осомничени за тешки дела да ја напуштат земјата, тогаш уште е помала веројатноста дека новинар ќе ја избегне правдата,“ изјави Селмани.
ЗНМ инсистира случајот на Божиновски да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство, а секое одбивање ќе значи оневозможување на правдата и зголемување на сомнежот во јавноста дека некој сака по секоја цена да осуди новинар со затвор, во знак на одмазда заради објавување на злоупотреби на власта.