Славко Јаневски (11 јануари 1920 — 20 јануари 2000) е роден во Скопје, каде завршил основно и средно техничко училиште.
Во текот на Втората светска војна се наоѓа во Белград и ѝ се приклучил на Козјачката партизанска бригада. По војната живеел и работел во Скопје каде се посветил на литературното творештво.
Бил директор и уредник на издавачката куќа „Македонска книга“.
Од 1967 година бил член на МАНУ.
Ги покренал првите детски списанија и е автор на првиот македонски роман – „Село зад седумте јасени“.
Славко Јаневски е добитник на многу награди.
.
Творештвото на Славко Јаневски е обемно и разнолико. Пишувал песни, раскази, романи, како и литература за деца.
Напишал 13 збирки песни од кои попознати се:
„Крвава низа“, „Пруга на младоста“, „Евангелие по Итар Пејо“, „Каинавелија“ и др.;
повеста „Улица“, расказите: „Кловнови и луѓе“, „Горчливи легенди“ и др.;
романите: „Село зад седумте јасени“, „Две Марии“, „И бол и бес“, „Тврдоглави“, „Девет Керубинови векови“ и др.;
како и детската литература: „Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки“, „Сенката на Карамба Барамба“, „Црни и жолти“, „Шеќерна приказна“, „Пупи Паф“ и др.
МОЛИТВА
Не самувај. Сам сум.
Забуцај ги забите до корен
во стеблото на мојот ’рбет.
И држи се. Одам.
Бел е сртот што нè чека.
Не самувај. Сам сум.
Забуцај ги прстите до лактот
во модрите пени на мојата коса.
И држи се. Пливам.
Зелено е дното што нè мами,
дното на едно море.
Не оставај ме сам. Немој.
Не самувај со мене. Денес.
И не мисли дека сме мали
зашто е една трева над нас.
И не мисли дека сме чеда
на една земја
зашто ни е гнездо еден камен.
И не е,
и не е Сонцето злотвор
што лежи во нашите жили.