Петровска: Набавките на нова опрема драстично ги менува капацитетите на Армијата

Сподели

 

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во интервју за Независен се осврна на набавките на нова и модерна опрема за кои, рече, се одвиваат плански, поддржани од буџетот на одбраната од кој оваа година се одвоени речиси една третина, или околу 100 милиони евра за оваа намена.
„Сите процеси, а особено крупните набавки што се предвидени и што значат драстична промена на капацитетите на Армијата, се одвиваат според планот. Неодамна добивме позитивна вест од САД дека ни беше одобрена набавката на лесни оклопни возила JLTV и на противоклопни системи ‘Javelin’“, рече министерката.

Петровска истакна дека договорот Влада-со-Влада за набавка на нови 8 повеќенаменски хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“, помина на владина седница.

„Изминатиот месец интегрираниот проектен тим што беше задолжен за оваа набавка интензивно работеше на договорот и на финалните преговори со компанијата ‘Леонардо’, така што тој процес успешно е завршен, постигната е поволна цена и е обезбеден поголем квалитет со обезбедената дополнителна опрема. Цената за сите осум хеликоптери е 230 милиони евра и ќе се плаќаат постепено, а ќе бидат испорачани од август 2026 до 2028 година“, истакна Петровска.

Министерката подвлече дека според Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, првично целосната модернизација на Армијата била проценета на околу 900 милиони евра, но и дека треба да се земе предвид дека цените на воената опрема се зголемуваат, заради што се прават нови проценки.

Анализата на одбранбените буџети низ годините, посочи министерката, покажува дека во претходниот период, во Армијата немало ниту инвестиции, ниту развој.

„Анализата на претходните буџети покажа дека армијата во претходниот период буквално преживувала. Немало ни инвестиции ни поголеми буџети, при што имало само неколку позначајни донации за униформи и за чизми, што покажува како се менаџирало со армијата, дека таа и Министерството за одбрана немале буџет за развој, туку само за да се поделат плати. Сега веќе не зборуваме за набавка на чизми и на униформи зашто тоа е ставено во редовните планови и не треба да има воопшто дискусија дали има пари за тоа или не“, заклучи министерката.