Концерт „ТРАДИЦИЈАТА ПАТУВА“ со ансамбл „МАКЕДОНИЈА“ и АММА „НИКОЛА КАРЕВ“

Сподели

Целовечерен концерт насловен „Традицијата патува” на кој ќе настапат Ансамбл „Македонија“ и Австралиско – македонската младинска асоцијација (АММА) „Никола Карев“ ќе се одржи на 27 јуни (четврток),  на Плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка, со почеток во 20 часот.

Концертот на кој ќе биде презентирана традиционалната култура го организира НУ Центар за култура Крива Паланка и е дел од манифестацијата Крива Паланка – Град на културата 2024“.      

Ансамблот „Македонија“  е културен амбасадор на  македонската традиционална  игра, инструменти и пеење, а младите уметници достојно ги претставуваат духовната и материјална култура на Македонија. Составен е од професионалци  и нивите настапи се  вистински предизвик за публиката која ја воодушевуваат со богатството на македонската традиција  и  музичката интерпретација со инструментите кои со векови опстојувале на овие простори.

АММА “Никола Карев”, пак,  важи за најголемиот промотор и чувар на македонската култура и традиција во Австралија , со цел да ја доближи до нашите иселеници  и нивните потомци. Преку ова македонско друштво  досега  во Австралија продефилирале бројни познати музички имиња од македонската естрада.