Герасимовски: Видео снимките од граѓаните го покажуваат дивеењето во Капиштец

Сподели

Општина Центар откако неколкупати досега алармираше за дивеењето на делови во општината денеска до јавноста испраќа видео снимки со цел да се види загрижувачкото однесување на младите. Видео снимките на кои се гледаат сцени на деструкција, вандализам и тероризирање на јавниот простор наменет за деца, до општината ги испратија исплашени граѓани од околните згради близу детското игралиште во Капиштец.

Градоначалникот Горан Герасимовски во многу наврати досега информираше за дивеење и уништување на детските игралишта и урбаната опрема во општината. Минатата недела обиен и ограбен беше комуналниот пункт на Општина Центар во Капиштец од каде украдени беа алатките и опремата којашто ја користат хигиеничарите. Општинските служби речиси секојдневно наоѓаат искршени клупи, канти, канделабри, дел од детски реквизити, огради и затекнуваат пешачки патеки полни со ѓубре и искршени стакла. Сите овие случаи како и видео снимките општината ги достави до надлежните институции.

Општина Центар се надева дека институциите но и граѓаните по објавениот видео материјал сериозно ќе ги сфатат случувањата во ноќните часови на детските игралишта особено во Капиштец.

Градоначалникот Герасимовски пред два дена за овие случувања се сретна со началникот на СВР – Скопје Сашо Топаловски со кого договори конкретни чекори за враќање на мирот во деловите од општината што се мета на хулигани и вандали. Покрај институциите Герасимовски ги повикува и граѓаните и родителите на будност и блискост со своите деца. Агресивното однесување не носи ништо добро но да не се дозволи да стане полошо.

Општина Центар ќе продолжи да известува и наоѓа механизми се додека овие појави не запрат. Парковите и игралиштата се места за рекреација, а не депонии на несовесни поединци.

Општината нема да дозволи ова да биде сликата на граѓаните. Агресивното однесување, вандализирањето и кражбите не смеат да поминат неказнето и сите вакви немили случаи мора навремено да се расчистуваат.