Милевски со холандскиот премиер: Да продолжат реформите од Договорот од Пржино

Сподели

Претседателот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Горан Милевски, во Леуварден, Холандија се сретнал со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте со кого разговарал за актуелната политичка и општествена криза „која ја продуцира партијата на власт и напорите на опозицијата да се воспостави повторно владеење на правото и враќање на демократијата во државата“, соопштуваат од ЛДП.

prz

„Премиерот на Холандија, г-динот Руте разговараше подетално со лидерот на ЛДП, Милевски, за ставовите на неговата земја и на земјите-членки на Европската Унија поврзани со разрешувањето на политичката кризата во Македонија.
Двајцата ја поздравија одлуката за одложување на изборите и продолжување на реформите во државата со имплементирање на точките зацртани во Договорот од Пржино“, стои во соопштението.

Претседателот на ЛДП изразил благодарност за поддршката што Холандија и останатите земји-членки на Европската Унија им ја даваат на граѓаните на Македонија во нивната борба за повлекување на срамната аболиција.

Покрај средбата со премиерот Марк Руте, во рамките на конгресот на владејачката либерална партија ВВД, Милевски се сретнал и со пратениците во Холандскиот парламент задолжени за надворешна политика и Европски прашања Хан тен Броеке и Ен Мулдер, како и со министерот за безбедност и правда, Ард ван дер Стеур.

„Пријателска Холандија и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите во Македонија, беа констатациите и на останатите претставници со кои се сретна делегацијата на ЛДП“, стои во соопштението од партијата.

Извор:meta.mk

Милевски со холандскиот премиер: Да продолжат реформите од Договорот од Пржино