Специјалното јавно обвинителство утре во 10 часот, на прес конференција ќе соопшти детали за нова истрага која носи работен назив „Трезор“.
– Ве известуваме дека утре, со почеток во 10 часот, во просториите на ова јавно обвинителство ќе се одржи прес-конференција на која ќе биде презентирана новата истрага, која носи работен назив „Трезор“ – информираат од СЈО.
На последната прес-конференција на 15 септември, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го презентираше шестмесечниот извештај на институцијата, а обвинителката Фатиме Фетаи ги презентираше првите две обвиненија. Едното обвинение се однесува на уништувањето документација поврзана со опремата од нелегалното прислушување, а второто за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.