Хелсиншки комитет: На барателите на азил ќе им биде дозволено излез од кампот, еднаш на три дена

Сподели

beg

Бројот на бегалци во кампот во Гевгелија се движи од 122 до 128 во текот на последната седмица, соопшти Хелсиншкиот комитет.

„По извршено чистење од страна на ЈП Комуналец, во кампот е забележано подобрување на хигиената. Поради опаѓањето на температурите во кампот се донесени грејни тела. На 14.10.2016 година, во кампот се донесени шест бегалци, меѓу кои еден маж со потекло од Ирак и петмина Сиријци, од кои 3 се малолетни лица. Тие се фатени на патничкиот воз Гевгелија-Скопје. Сите од нив поседуваа исправни патни документи, кои им беа проверени од полициски службеници. За прв пат, полициските службеници извршија дактилоскопирање и регистрирање на бегалците во нова база на податоци. Откако им е укажана хуманитарна помош од страна на Црвениот крст, бегалците се пренесени кон грчка територија. Истиот ден, во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Пакистан, кои со автобус од Куманово пристигнале до полициската станица во Гевгелија. И ним им е извршена регистрација, по што се пренесени на грчката страна“, соопшти Хелсиншки во последниот неделен извештај.

На состанок на надлежните институции и организации во кампот е донесена одлука дека на барателите на азил кои престојуваат во кампот, ќе им биде дозволен излез од кампот до Гевгелија, еднаш на три дена. Црвениот Крст ќе асистира во превозот, но и во целосно придружување на бегалци од кампот кои не се баратели на азил, а имаат потреба да одат до градот.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува ваквата одлука, која претставува прв обид досега да им се овозможи излез на бегалците од кампот.
Во моментот, вкупно 23 бегалци се баратели на азил.

Бројот на бегалци во кампот во Куманово, пак, од почетокот на седмицата кога бил 61, до крајот на седмицата се искачил на 114, со тоа што пристигнатите групи на бегалци со различно потекло се задржаа во кампот неколку дена.

„Бегалците, незадоволни од квалитетот на храната која им се дели, изразуваат желба да им се носат намирници за самите да си ја подготвуваат храната. Исто така, побараа да им се донесат машини за перење алишта. И покрај падот на температурите и лошите временски услови, на бегалците не им е поделена зимска/топла облека. Неколку дена има недостаток на топла вода, а бојлерите сè уште не се поправени. На 12.10.2016 година, во кампот се донесени 7 бегалци со потекло од Сирија и Ирак. Тие доброволно се вратиле од Србија, со објаснување дека не можеле да ги издржат лошите услови и ниските температури. Од страна на полицијата им е дозволено да добијат хуманитарна помош од Црвен Крст (облека и храна) по што мора да го напуштат кампот“, се наведува во извештајот на Хелсиншки.