Брисел не коментира дали размислува за контра-мерки поради опструкциите на СЈО

Сподели

eu

Европската комисија денеска повтори дека Специјалното јавно обвинителство е клучен дел од Договорот од Пржино, потпишан од сите лидери на главните политички партии.

Сепак, од Брисел засега не сакаат да коментираат дали ќе преземат поостри мерки или санкции поради блокадата на работата на СЈО, ниту пак како сето тоа ќе се одрази на извештајот за напредокот на Македонија.

– Европската комисија останува на истиот став од минатата недела – изјавија за „Мета“ од Комисијата.

Брисел минатата недела потсети дека политичките лидер во повеќе наврати се обврзале да ја поддржат и потпомогнат работата на СЈО, без да вршат опструкции.

„ЕУ силно го охрабрува сите институции во земјата да се однесуваат согласно овие јасни обврски и целосно да ја почитуваат правната позиција на СЈО. ЕУ ја истакнува важноста на правната и на политичката отеченост за прислушувањето и за содржината која произлегува од него. Решавањето на овие сериозни проблеми, кои произлегуваат од снимките се клучни за враќањето на земјата на евроатлантскиот пат и за враќањето на довербата кај граѓаните“, соопштија од Брисел.

Претходно дипломати од Брисел соопштија дека Македонија и годинава ќе добие условена препорака за доделување датум за почеток на преговори и оти во извештајот ќе биде употребен поблаг речник, за да не се сфати дека ЕУ сака да влијае врз резултатите од изборите. Сепак, во извештајот ќе бидат нотирани забелешките за спроведувањето на итните реформски приоритети, владеењето на правото, како и работата на СЈО.

meta.mk