Европскиот парламент ја додели годинешната награда Сахаров на две жени кои Исламската Држава во Ирак ги држеше во заложништво како сексуални робинки и кои станаа симбол за борбата против терористичката организација.
Надја Мурад и Ламија Аџи Башар преживеаја сексуално ропство како заложнички на ИД и станаа гласноговорнички на жените кои беа сексуално злоставувани од нив. Тие дадоа јавна поддршка на заедницата на јазидите во Ирак, религиозно малцинство над кое милитантите на ИД спроведуваа геноцидна кампања.Европскиот парламент од 1988 година ја доделува наградата Сахаров за слобода на мислење, на поединци кои дале значаен придонес во борбата за човекови права низ целиот свет.
„Со доделувањето на наградата на Надја Мурад и Ламија Аџи Башар, покажуваме дека нивната борба не била залудна и дека сме подготвени да им помогнеме во нивната борба против бруталноста и теророт на таканаречената Исламска Држава, на кои се изложени голем број луѓе“, рече претседателот на ЕП, Мартин Шулц.
Припадниците на ИД на 3 август 2014 година ги заклаа сите мажи во селото Кочо, родното место на Мурад и Башар, а жените и децата ги заробиле. Сите млади жени биле грабнати и неколкупати препродавани како сексуални робинки.
За време на колежот, Мурад изгубила шест браќа и својата мајка која ја убиле заедно со уште осумдесет постари жени. Башар исто така била искористена како сексуална робинка заедно со своите шест сестри. Откако милитантите на ИД ги егзекутирале нејзините браќа и татко ѝ, милитантите ја продавале петпати и ја присилувале да изработува бомби и елеци за бомбашите-самоубијци во Мосул.
Мурад успеала да побегне во ноември 2014 година со помош од соседното семејство кое ја прошверцувало од подрачјето под контрола на ИД. Таа успеала да стигне до бегалскиот камп во северен Ирак, а оттаму во Германија. Една година подоцна, во јануари 2015 година, Мурад го имаше своето прво обраќање пред Советот за безбедност на ОН за историјата на трговијата со луѓе, каде говореше за своето потресно искуство. Во септември оваа година стана првата амбасадорка на добра волја на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, за достоинство на жртвите кои ја преживеале трговијата со луѓе. Таа учествуваше во многу светски и локални иницијативи за поддршка и зацврстување на свеста за тешката ситуација на неброените жртви од трговијата со луѓе. Во октомври 2016 година , Советот на Европа ѝ ја додели наградата за човекови права Вацлав Хавел.
Аџи Башар се обидела неколку пати да побегне без успех, пред овој април конечно да успее, плаќајќи им на локалните криумчари. На патот кон курдската граница, додека бегала пред прогонот од милитантите, од експлозија на пешачка мина била повредена и речиси ослепена. За среќа, успеала да побегне, и конечно се нашла во Германија каде ѝ било овозможено и болничко лекување. Откако се опорави, Башар активно се залага за зацврстување на свеста за тешката положба во која се наоѓа јазидското малцинство и им помага на жените и децата жртви на ропство и суровост.
Во потесен избор за годинешната награда Сахаров се најдоа и турскиот новинар, Кан Дундар, и историскиот водач на кримските Татари, Мустафа Џемилев.