Груевски: Можно е СДСМ деновиве да побара помош од СЈО и да смисли нови лаги

Сподели

gruevski-centar

„СДСМ има мака со сопствената доверба, не верува во капацитетите на сопствениот народ и во своите капацитети и затоа губи“, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митинзите во скопските општини Кисела Вода и Центар.

Тој оцени дека во следниот период опозицискиот СДСМ ќе прави напори и ќе бара алиби за поразот што му претстои.

– Треба да внимаваме и да останеме со ладни глави. Ќе има многу обиди за провокации, многу обиди да се извалка кампањата и многу обиди потоа да си најдат алиби зошто загубиле. Треба многу внимавање – рече Груевски.

Според лидерот на владејачката партија, СДСМ се залага за продолжување на мандатот на СЈО затоа што така смета дека ќе успее да ја продолжи политичката криза.

– Немојте да се изненадите ако во овие денови го повикаат СЈО на помош за да смислат некакви истраги, обвиненија и нови лаги. Сè ќе направат овие денови само за да дојдат до глас повеќе – рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Заев не донел ниту една инвестиција во општина Струмица, а притоа посети на сите странски инвестиции што владата од ВМРО-ДПМНЕ ги има донесено во земјата. Тој рече дека е убеден оти граѓаните ќе излезат, масовно ќе ги поддржат и ќе им дадат 63 пратенички места, што ќе биде гаранција дека кризата ќе заврши.
– Ова се клучни моменти. Луѓето треба добро да размислат. Убеден сум дека мнозинството граѓани во Македонија нема да направат грешка, која би била непоправлива, особено во делот на националните и на државните прашања. Затоа сите вие проширете го овој глас, до секој ваш пријател, до секој ваш сосед, роднина, предочете му ги овие работи, убедете го на начин што е фер, демократски. Кажете му што ја очекува Македонија, за сите заедно сложно да излеземе на 11 декември, да гласаме за соживотот во Македонија, да гласаме за економски напредна Македонија. Да не ни го запрат овој залет на носење инвестиции, да гласате за унитарна независна и победничка Македонија, да победи Македонија – додаде Груевски.

Носителот на листата во првата изборна единица, Никола Попоски, во своето обраќање рече дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ најдобро го прави е решавање на најбитните проблеми на граѓаните, отворање нови работни места, подобрување на инфраструктурата, носење инвестиции. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е единствен гарант дека Македонија може да биде европска земја.

– Верувајте ми, од сите луѓе со кои имам разговарано во Европа, никој не рекол дека сакаат да имаат влади кои не се способни сами да работаат и други да им ги решаваат проблемите. За сите овие работи Заев и тајфата велат дека други треба да решаваат, сметаат дека некој од надвор треба да ни кажува. Сакам да кажам дека Македонија ќе биде поуспешна и побогата и со повеќе вработувања и инвестиции без свитканата „кичма“, горда, убава и победничка Македонија – рече Попоски.

meta.mk