Набљудувачите на ЦИВИЛ го набљудуваат прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце од 6:30 часот. Првите извештаи од денешниот ден говорат дека изборниот материјал на избирачкото место не бил среден на време, но бил целосен. Гласањето било овозможено во неколку минути по 7 часот. Излезноста до 9:30 е релативно мала, односно, нешто повеќе од 50 од вкупно 714 гласачи, го оствариле своето право на глас.
Имаше получасовен прекин во гласањето, време во кое осум или повеќе гласачи биле вратени од избирачкото место. Причина за прекинот е тоа што во 8:30 часот се расипала едната УВ ламба, а втората се расипала веќе во 8:55 часот, по што настапил прекинот на гласањето. Иако Избирачкиот одбор тврди дека прекинот траел десетина минути, сепак, проблемите со УВ ламбите одземал половина час од процесот на гласањето.
Бројните новинарски екипи дополнително придонесуваат за хаотичната слика на избирачкото место 2011 во Теарце. Комуникацијата меѓу Избирачкиот одбор и новинарските екипи е на висок тон, а камерманите и фоторепортерите ги фотографираат и снимаат буквално, сите гласачи поединечно. Според набљудувачите на ЦИВИЛ, неколку граѓанки и граѓани се пожалиле дека им е непријатно да бидат под толкаво медиумско внимание.
Во Теарце денеска има силно полициско обезбедување, со цел да се овозможи непречено гласање. Вчера, МВР соопшти дека се приведени две лица под сомение дека вршеле паричен поткуп на гласачи. ЦИВИЛ дојде до сознанија дека одредени лица, поткупувале гласачи со пари. Сумите се движеле од 3.000 до 6.000 денари, за возврат им биле земани личните карти како гаранција дека овие граѓан(к)и денеска нема да излезат на гласање.
Од МВР информираат дека гласачкиот процес ќе помине без проблеми, мирно и дека полицијата е подготвена да одговори и на евентуални насилни сценарија. Ова како одговор на гласиштата кои синоќа стигнаа до ЦИВИЛ, дека партиски војници од Прилеп, Свети Николе и скопската општина Кисела Вода од синоќа со возила со лажни регистарски таблички се упатуваат кон Теарце.
Прегласувањето во Теарце треба да ги даде конечните резултати од предвремените парламентарни избори. Според одлуката на Управиот суд, во Теарце на 11-ти декември се утврдени изборни нерегуларности. Откако Управен суд одлучи на избирачкото место 2011 да има прегласување, ДИК спроведе симулација и констатираше дека е можна промена на бројот на мандатите во новиот состав на парламентот и нова постизборна политичка констелација во земјата.
извор: Цивил