Политичката состојба во која што во моментов се наоѓа Репубика Македонија е сложена. Речиси извесно е дека ДУИ нема да состави нова влада со ВМРО-ДПМНЕ. Но, мора да се има предвид и фактот дека лидерот на ДУИ, Али Амхети, во сите години од политичкиот брак со ВМРО-ДПМНЕ, не работеше на реализација на охридскиот Рамковен договор, потпишан во 2001 година. Според дел од панелистите, на денешната дискусија „Обезглавена Македонија“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, одговорноста ќе остане на СДСМ, која најверојатно ќе формира нова Влада со ДУИ, за по две години, да има нови предвремени парламентарни избори.
Но, дотогаш СДСМ мора зрело да ги повлече сите потези, за да Македонија се врати на демократскиот пат и да ги зајакне институциите. Од друга страна, Македонија е оддалечена од евро-атланската агенда, којашто за досегашната коалиција на власт, беше повеќе декларативна определба. За повторно враќање на евроатланскиот пат, којшто, патем, е неминовност за Македонија и политички и геостратешки, неопходно е да се договори заедничката визија на новата влада, а потоа и нејзните приоритети. Зашто, Македонија по формирање на новата влада, ја чека повторно напорна агенда со многу предизвици.
Ова главно се поентите од верашшната панел дискусија „Обезглавена Македонија“, што во рамките на проектот „НАПРЕД!“ ја организираше ЦИВИЛ, во скопскиот хотел „Сити Парк“. Хаштагот на вчерашната панел-дискусија беше #одглавена, а панелисти беа д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и универзитетски професор, д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика и Рамадан Рамадани, универзитетски професор и колумнист во неделникот „Фокус“.
Пред претставници на амбасадите, на политичките партии, пред активисти од граѓанскиот сектор и претставници на медиумите, медијаторките на вчерашната панел-дискусија, Диана Тахири и Марија Теговска ги отворија трите актуелни прашања: „Коалициски комбинаторики“, „Етнички (дис)баланс“ и „Дали ЕУ и НАТО се опција за Македонија?“.
Во своето воведно излагање на темата „Коалициски комбинаторики“, д-р Орданоски рече дека нема дилема дека во Македонија се подготвува влада меѓу ДУИ и СДСМ.
„Патот на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ нема алтернатива. СДСМ треба да биде доволно зрел да возврати, за да дојдеме до една друга Македонија, за која што се залагаме ние во граѓанскиот сектор. Во прашање е само еден театар, кој мора да се истрпи. Вчера, ДУИ излезе со изјава дека нема преферентна партија со која би правел коалиција. Али Ахмети во политичка смисла е историја. Мене ми е многу жал што не замина од политиката кога беше на врвот. Во Македонија за две години, ќе имаме повторно избори“, рече д-р Орданоски.
Професорот Рамадани прогнозираше две можни коалициски комбинаторики: „СЈО-Влада или Халкидики- Влада. Првата, СЈО-Влада, е првата реакција на ЕУ, која ја поддржува таквата влада, да ги спроведе реформите и да обезбеди непречена работа на СЈО. И сметам дека тоа е она што нé очекува на крајот на денот или месецот. Втората опција е веднаш да се направи, како и порано, во минатото, да се состави влада од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, која поради мистеријата и неразговетноста, ја нарекувам поетично, Халкидики-Влада“.
Според д-р Ристевска Јорданова не можеме да се вети брз пристап кон ЕУ.
„Факт е, и покрај тоа што декларативно се става владеењето на правото, дека реално, геополитиката има огромна улога и безбедносните прашања ќе имаат голема улога. Не можеме да очекуваме брз пристап. И самото членство во ЕУ, нема да има таква привлечна моќ, како досега. Останува на нас самите, да се избориме за европски вредности, отколку да очекуваме некој од страна да дојде и да ни ги даде сите решенија“.
Моника Талеска