Судијката Лидија Петровска ги отстрани новинарите од судењето на Грујовски

Сподели

Судијката Лидија Петровска откако и на денешното рочиште не им дозволи на новинарите да го фотографираат или снимаат обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, ја исклучи јавноста од судењето на барање на адвокатот на Грујовски, Никола Додевски, информира Сакам да кажам.

Само што стана обвинителката од СЈО Ленче Ристоска за да каже до кого се обратило СЈО за да добие дозвола од создавачот на нелегално прислушуваните разговори да ги употреби како докази во овој судски процес, стана Додевски и побара судијката да ја исклучи јавноста за секој случај.

Ристоска реагираше дека она што сака во оваа фаза да го каже не содржи класифицирани информации и оти, како што рече, сигурно СЈО не би го повредило законот и би изнело информации кои се државна тајна. Но, судијката Петровска одлучи како што побара Додевски и на новинарите им кажа да ја напуштат седницата. Тоа предизвика револт кај претставниците на медиумите.

Грујовски е обвинет за за фалсификување службени исправи, зашто противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале на незаконското прислушување. За ова кривично дело пропишана е затворска казна до пет години.